Комесарот за приватност на Канада објави „упатствен“ документ во кој објаснува зошто граѓаните во Канада треба да купуваат марихуана во готово, дури кога таа доаѓа од легални и лиценцирани продавници. Упатството исто така ги советува граѓаните на оваа земја да даваат што е можно помалку лични податоци кога купуваат марихуана.
Канабисот за рекреативна употреба од октомври е легален во Канада и иако поголемиот дел од жителите во земјата се задоволни со овој избор на федералнте власти, често се појавуваат проблеми и непредвидени препреки за користењето и дистрибуцијата на оваа супстанца.
Бидејќи канабисот е нелегална супстанца во повеќе земји од светот, личните информации на Канаѓаните кои легално купуваат на својата територија, според канадските власти, се многу чувствителни. Чувствителноста се состои во тоа што другите земји во светот можат да им забранат на канадските државјани влез во својата земја ако на некој начин дознаат дека тие купувале канабис, дури во услови кога тој е купен легално. Ова највеќе важи за граѓаните на Канада кои најчесто патуваат во САД, каде што марихуаната за рекреативна употреба не е легализирана на федерално ниво. Така, постои можност на граѓаните на Канада да им биде забранет влез во САД, ако граничарите знаат дека тие купувале легална марихуана во својата земја.
Во упатството од канадската влада потсетуваат дека продавниците за марихуана мораат само да ја потврдат возраста на купувачот при купувањето, но не постои причина личните податоци да се зачувуваат или снимаат. Дополнително, поради тоа што рекреативната употреба на марихуаната е легална, потенцијалните купувачи не треба да достават дополнителни информации при набавување на супстанцата.