Мексиканката Валентина Флучер беше крунисана за кралица на „Мис интернационал“ – избор за трансродова убавица, манифестација што се бори против секаков вид сексуална дискриминација. На изборот учествуваат трансродови личности и веќе 16 години едноподруго се одржува во Патаја, Тајланд.
Возбудена и радосна поради победата, Флучер го искористи својот Инстаграм за да ја сподели со светот својата порака за обединување, љубов и почит кон сите оние што немаат ваква можност да го кренат својот глас и да привлечат доволно внимание од страна на јавноста.
Интересен е фактот што овој историски триумф на убавината, која сѐ уште се соочува со предрасуди, се поклопува со периодот во кој се прославува меѓународниот Ден на жената.
– Тоа што сум на насловните страници на весниците во мојата татковина ме прави многу горда и ми дава надеж да верувам дека, во една не толку далечна иднина, мексиканското општество ќе научи да ги гледа трансродовите жени како рамноправни со сите други – напиша новата кралица на убавината на својот профил на Инстаграм.
Таа во емотивно видео зборува за својот триумф над сексизмот, упатувајќи трогателни зборови до жените од целиот свет.