Византион, Цариград, Константинопол, Стамбол, денес Истанбул, се некои од имињата што градот ги имал низ својата милениумска историја. Овој неофицијално 17-милионски, а официјално 12-милионски град е сместен на Босфорскиот Теснец. Тука имате ретка можност само со преминување на едно и полкилометарскиот мост да застанете на друг континент, азискиот, и оттаму да ја гледате Европа.
Тоа е мост по кој дневно поминуваат повеќе од двесте илјади возила и буквално, но и во преносно значење, ја поврзува културата на Истокот и на западниот начин на живот. Тој спој на Истокот и Западот во еден град, во кој тие не се раздвојуваат, туку се соединети, таа точка на светската мапа и буквално, географски, но и метафизички спојува два света. Затоа и со право Наполеон рекол: „Ако светот беше една држава, Истанбул ќе беше негов главен град!”

„Аја Софија“

„Аја Софија“, прво црква, па џамија, а од 1935 година – музеј, денес е главното туристичко одредиште. Однадвор, архитектонски, не особено величествена, во споредба со фасцинантните џамии, „Сината“ на пример. Се разбира, и да не сте желни за големи димензии, останувате по малку затечени. Но внатре – сѐ по човечка мера, така како што треба да биде. Секој детаљ – ремек-дело само за себе. Арапска калиграфија, ориентална раскошна декорација и неверојатни златни мозаични фрески – Христос со Константин, Христос со кралицата Зое, Богородица со малиот Исус, четирите апостоли претставени како ангели. Лицето, засега, со реставрација му е откриено само на Марко.

„Топкапи-сарајот“

„Топкапи-сарајот“ исто така никого нема да остави рамнодушен, особено не поклониците на декаденцијата. Повеќе од 400 години главна палата на Отоманското Царство, а денес споменик на УНЕСКО, е репрезентативен пример на материјалното и културното богатство на големите династии. Метежот од туристи (во Истанбул дневно поминуваат и по неколку милиони) не дозволува детално да се разгледаат сите колекции на порцелан, оружје, минијатури, мурали, калиграфски записи и многу, многу злато, скапоцени камења и дијаманти.

„Капали-чаршија“

Истанбул е вистински рај и за шопингхоличарите. Покрај грандиозните трговски центри, кои продаваат брендирана стока и каде што ценкањето како препознатлив турски начин на трговска размена не функционира, посебно доживување е посетата на познатата „Капали-чаршија“ – големиот базар со повеќе од 60 улици што се одвојуваат од главната и повеќе од 4.000 дуќани и тезгиња со сагови, керамика, стакло, кожа, сувенири и злато од чиј сјај болат очи. Вистински грев е да се вратите дома без пар обетки или некој раскошен прстен. Изградена е во 1461 година од Мехмет Освојувачот, податок што на оние со шопингувачки апетити не им е најважна причина за посетата. Дефинитивно рај за таа категорија е посетата на некој од моловите. На Египетскиот пазар, пак, слично како и во „Капали-чаршија“, ценкањето е задолжително, дури издигнато на ниво на уметност. Цената понекогаш може да се симне и над 50 отсто.

Крстосување по Босфор

По задоволувањето на материјалистичките желби – вистински рај за душата – крстосување по Босфор. Величествени летни резиденции и палати, вклучувајќи ја и грандиозната „Долмабахче“, грандиозна султанска резиденција од нешто поново време – од 19 век. Кон водата се изложени романтични капии низ чии градини се излегува на кејот. Може само да фантазирате како живееле султанот и неговото семејство во овие благодати.

„Сината џамија“

Да не се посети „Сината џамија“ во Истанбул е вистински ерес, без оглед на конфесијата. Изградена е во 17 век, а името го добила по ретката и специфична сина боја на ѕидните плочки. Таа е едно од најголемите ремек-дела на исламската архитектура и е најзначајна џамија по онаа во Мека. Единствена е со шест минариња. Има повеќе од 200 обоени прозорци што ја пропуштаат дневната светлина. За разлика од „Аја Софија“, која е претворена во музеј, „Сината џамија“ сѐ уште функционира и како верски објект. Верниците и туристите прават бескрајно долги редици, кои, сепак, беспрекорно мирно и релативно брзо се движат. Од почит кон религијата, туристите се принудени да ги собујат чевлите за да зачекорат по најубавите и најскапоцени рачно работени килими.

Тематски парк „Виаланд“

Туристичката агенција „Фибула ер травел“ организира редовни тури во престолнината на Турција, Истанбул, нудејќи поволни услови за прошетка низ градот, крстосување по Босфор и посета на сите знаменитости и значајни туристички точки на мапата.
Меѓу нив е и посета на тематскиот парк „Виаланд“, кој е особено погоден за оние што патуваат со деца. Тоа е комбинација на луксузен хотел, ресторани, кино, тематски парк, трговски центар и изложбен центар – сѐ во едно. Со пакет аранжманите на „Фибула ер травел“ ќе можете да си ги исполните своите највисоки очекувања за тоа како треба да изгледа едно вистинско возбудливо патување.