Сомнителниот договор за бонуси ги натера акционерите на „Тесла“ да се обединат против извршниот директор на компанијата Илон Маск, пренесува „Гардијан“.
Според консултантската агенција ПИРЦ, исплатите на Маск и скандалите на Твитер претставуваат „сериозен ризик од нарушување на угледот на компанијата“.
Инвеститорите во „Тесла“ беа повикани да гласаат за да го отстранат Маск, основачот и главен извршен директор на компанијата за електрични возила, од одборот на фирмата поради неговиот договор за бонуси, според кој би можел да добие рекордни 55,8 милијарди долари.
ПИРЦ вчера препорача инвеститорите да гласаат против договорот за плата на извршната власт на „Тесла“, бидејќи според нив „договорот неправедно го збогатува главниот извршен директор“.
– Одборот, вклучително и извршниот директор Маск, им доделувал пакети за прекумерна компензација во текот на тригодишен период, со што им дозволува на директорите да се збогатат на сметка на компанијата – објаснуваат од ПИРЦ, а додаваат дека договорот ја изложува компанијата на тужби.
ПИРЦ ги повика инвеститорите да гласаат против повторниот избор на Маск во одборот поради договорот, но исто така предупреди дека Маск претставува „сериозен ризик за репутацијата на компанијата и нејзините акционери“ поради неговите чести испади на Твитер, од кои губат милиони долари за инвестиции.
Инвеститорите исто така беа повикани да гласаат против повторниот избор на Робин Денхолм за претседател на „Тесла“. Таа го наследи Маск откако тој беше принуден да се повлече во ноември 2018 година. Според ПИРЦ, и таа треба да се повлече од позицијата поради нејзината улога во прогледување на добивката на бонуси кои ги примил Маск како независен извршен член додека не бил дел на одборот.
Годишниот генерален состанок на „Тесла“ требаше да се одржи на 7 јули, но компанијата во неделата го одложи гласањето за септември.