Илон Маск предвидува дека до средината на наредната година ќе има повеќе од милион возила со самоуправувачка технологија, а само неколку месеци подоцна ќе биде воведена национална такси-служба, пренесува „Њујорк пост“.
Милијардерот информираше дека иновативната такси-служба ќе почне да се опремува во текот на наредните месеци, а услугите од ваквите такси-возила се очекува да започнат на почетокот на 2020 година.
Тој предвидува дека сопствениците на возила „Тесла“ ќе работат од дома, едноставно со стискањето на копче, за да управуваат со автомобилите. „Тесла“ сака да ги претвори електричните возила во самоуправувачки, со помош на софтвер кој ќе им овозможи на роботите да управуваат со нив. Маск во последно време ја најавуваше оваа идеја на социјалната мрежа Твитер.
– Тешко ми беше да замислам дека мојот автомобил може да заработува пари возејќи самостојно додека јас удобно спијам во мојот кревет или играм видео-игри, но ете, тоа полека ќе почне да се случува – напиша на Твитер професионалниот играч на видео-игри Марсел „Декстер“ Фелдкамп, на што Маск одговори дека токму тоа е и целта на овој проект.
До 2022 година, Маск се надева дека неговите „Тесла“ возила ќе крстарат низ САД, а во нив нема да имаат ниту волан, ниту педала за кочење. Технолошките експерти ја сметаат неговата идеја за самоуправувачки возила и за такси-служба за неостварлив сон и додаваат дека ветувањата му се преголеми, што е типично за Маск.