Во рамките на фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“, завчеравечер, во Кинотеката беше отворена изложбата на фотопортрети насловена „И јас сум тука“. Портретирани се 20 лица со посебни потреби, на возраст од 13 до 50 години, од повеќе градови од Македонија, а секоја фотографија има и своја приказна. Автор на фотографиите е Тоше Огњанов, а на приказните Сребра Ѓорѓијевска.
– Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото – велат авторите.
„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект од 2014 година и дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението „Солем“ преку разни активности се вклучи во проектот ,за да бидат опфатени што повеќе деца во земјава. На отворањето на изложбата се обрати шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон.
– Еднаквите можности за сите се клучни за мојата земја Шведска. Токму затоа нашата амбасада го поддржа овој проект, горди сме што со него ќе ја издигнеме свеста за правата на лицата со посебни потреби. Ја разгледав изложбата на фотографии и заедничко за сите се насмевките на нивните лица – рече Бенгтсон.
За авторот на фотографиите, Тоше Огњанов, овој проект е повеќедимензионално патување.– Патувавме два месеца низ државата и ги запознававме овие луѓе што ги гледате на фотографиите, нивните приказни, нивните желби, нивните стремежи. На сите треба да им се пристапи и да им се даде шанса да се изразат. Преку овие слики тие велат и ние сме тука и треба да бидеме прифатени од општеството. Кога ги фотографирав, сфатив дека сите тие сакаат внимание. Ни подарија толку голема искреност и отвореност каква што досега немам доживеано – вели Огњанов.
Авторката на приказните Сребра Ѓорѓијевска емотивно им се обрати на присутните на отворањето на изложбата.
– Сакавме преку уметноста да зборуваме за овие лица, а не преку проблемите со кои секојдневно се соочуваат, бидејќи тие не сакаат да бидат сожалувани. Јас многу се сменив по овие два месеца, сфатив колку малку им е потребно на овие луѓе да бидат среќни и да се чувствуваат прифатено. Во секојдневниот живот забораваме на едноставните работи, а тие сакаат да бидат гушнати, слушнати, видени, да пеат, да играат, да работат – рече Ѓорѓијевска.
Тие рекоа дека никогаш нема да ги заборават: Ѓорѓи што обожава да чука на тапани, Кристина што за два дена реди сложувалки од 1.000 парчиња, Борче што помага во згрижувачка куќа во Неготино и сака да глуми, Данчо што им помага на асистентите во „Порака – Неготино“ да научат шивачки занает, Калин со најпрекрасните родители на светот, Златко што свири на синтисајзер, Виктор што не може да живее без музика, Светомир што е пресреќен што добил работа, Марија што живее за музика и танц, Кристијан што ќе стане дипломиран библиотекар, Ерато што сака чоколади, Ива што прекрасно рецитира поезија, Ивана што многу сака да работи, слатката Луна од Гевгелија со нејзината насмевка, талентираната Вероника што студира графички дизајн, Никола што сака да танцува и плива…