Примероците од фосилни остатоци на мамут, за кои се смета дека се стари 1,2 милион години, го открија најстариот целосен геном познат досега. Откритието дава нови сознанија за тоа како еволуирале мамутите.
Лав Дален и неговите колеги го соопштија откритието за извлекување ДНК од катниците на три примерока од антички мамути закопани во сибирскиот мраз, пишува списанието „Нејчр“.
Ова е првпат ДНК да се секвенционира и да се верифицира од примероци стари милион години. Пред тоа, најстарата секвенционирана ДНК била од коњска коска стара 500-700 илјади години. Научниците откриле дека во примероците останале само минимални количества ДНК и дека била разградена во многу мали фрагменти.
Анализите на геномите покажале дека најстариот примерок, стар приближно 1,2 милион години, ѝ припаѓал на претходно непозната генетска лоза на мамут, наречена мамут крестовка.
– Сите претходни студии покажуваа дека во тој период во Сибир имало само еден вид мамут, наречен степски мамут. Но нашите ДНК-анализи сега покажуваат дека имало две различни генетски лози – вели главниот автор на студијата Том ван дер Валк.
Анализите на ДНК исто така укажуваат дека колумбискиот мамут, еден од најпознатите иконски видови на ледената доба во Северна Америка, бил хибрид помеѓу волнениот мамут и мамутот крестовка.
Новите резултати ја отвораат вратата за широк спектар идни студии за пронаоѓање други видови.
– Едно од големите прашања сега е колку можеме да се вратиме наназад во времето. Сè уште не сме ја достигнале границата. Претпоставката би била дека можеме да повратиме ДНК стара два милиони години и евентуално да достигнеме дури и 2,6 милиони години – вели Андерс Готерстром, професор по молекуларна археологија и коавтор на студијата во Центарот за палеогенетика.
Студијата е резултат на меѓународна соработка, во која учествувале 22 научници од девет земји, вклучувајќи ги Шведска, Русија, Велика Британија, САД, Германија, Кина, Турција, Норвешка и Данска.