Игор Аврамоски е фотограф кој постојано е во потрага по убавите пејзажи и временските промени во природата. Во периодот од 2009 до 2012 година се занимава со музика, а во меѓувреме му се раѓа љубовта кон ликовната уметност. Во 2016 година тој дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. По дипломирањето, својот фокус го пренасочува кон фотографијата. Аврамоски досега има пет самостојни изложби, како и учество на повеќе изложби во Македонија и странство. Тој живее и твори во Полска.
Како започнавте и колку долго се занимавате со фотографија?
– Со фотографија почнав да се занимавам есента во 2016 година кога сликарската инспирација целосно ме напушти. Почнав со фотографирање како хоби, но тоа набрзо прерасна во опсесија.
Каква опрема за фотографирање користите?
– Опремата што ја користам не е којзнае што. Главниот апарат што го користам е стариот „Канон ЕОС 1100“ и неколку стари објективи од времето на Советскиот сојуз. Исто така, прекрасниот „Зенит 12 икс-пе“ со каков било филм што ќе начекам, најчесто црно-бел, како и солидниот статив „Зомеи г666“.
Опишете го процесот на создавање на една Ваша фотографија?
– Најдолгиот дел од целиот процес на создавање една фотографија е буквално талкањето низ шуми, планини, полиња и улици во потрага по добри композиции. Потоа, дома ги разгледувам направените фотографии, ги селектирам најдобрите и ги обработувам во „Лајтрум“ или во „Фотошоп“.
Која фотографија би ја издвоиле како омилена и зошто?
– Искрено, не можам да издвојам една омилена фотографија. Различни фотографии, различни чувства. Но, имам омилен стил, тоа е фотографирањето на планински пејзажи.
Голем дел од Вашите фотографии се направени во природа. Што најмногу Ве инспирира?
– Ме привлекува патувањето. Сакам да истражувам нови места, особено места што се оддалечени од градовите. Ништо не ја разигрува мојата инспирација како убавината на отворениот пејзаж, залутаните дрвца, големите врвови на планините, тишината, пропатуваните километри и временските промени што се случуваат во природата. Мислам дека моите фотографии се повеќе атмосферични отколку мрачни. Најчесто излегувам и ги правам кога времето е „за никаде“. Што повеќе облаци, толку повеќе интерес и ублажено светло за работа. Со моите фотографии се трудам да ја претставам убавината и суровоста на природата. А тоа најдобро можам да го сторам со користење на црно-белата техника. Неколку имиња што ме инспирираат и мотивираат во работата се Мајкл Кена, Адам Гибс, Нирав Пател, Нел Донован, Рајан Дјар, и секако, Ана Аврамоска-Сиљаноска.
Што е најтешкиот дел од фотографирањето и каков совет би им дале на почетниците?
– Ретко се соочувам со овој проблем, но некогаш најтешкиот дел е да станам од удобниот кревет и да излезам да фотографирам. Почетниците не треба да се оптоваруваат со опрема. Да, таа е битна, но не е најбитна. Како што рекол Ансел Адамс, „најважната компонента на камерата се дваесетте инчи позади неа“.
Кои се добрите, а кои лошите страни од професијата на фотограф?
– Добар дел дефинитивно претставува луксузот да се биде сам, или со мала група луѓе некаде во природа, подалеку од бучавата на градскиот живот и можноста да го стишам џагорот во мојата глава додека работам тие неколку часа. Лошиот дел е тоа што понекогаш се враќам дома жива вода и со кал до колената. Но на крајот од денот, тоа само ја зачинува авантурата.