Хобокен беше првиот град во Њу Џерси што овозможи изнајмување моторизирани скутери на две тркала, запишувајќи се на тој начин во долгиот список на градови што му понудија топло добредојде на ова возило во изминативе години, вклучувајќи ги и Сан Франциско, Чикаго, Париз, Барселона и Сиднеј

Новиот закон што наскоро ќе стапи во сила може да ги донесе електричните скутери на улиците на Њујорк. Но само километар и пол подалеку, гратчето Хобокен во Њу Џерси веќе нуди реална слика за можностите и опасностите од употребата на електричните возила, кои полека го освојуваат целиот свет. Хобокен беше првиот град во Њу Џерси што овозможи изнајмување моторизирани скутери на две тркала, запишувајќи се на тој начин во долгиот список на градови што му понудија топло добредојде на ова возило во изминативе години, вклучувајќи ги и Сан Франциско, Чикаго, Париз, Барселона и Сиднеј. Скутерите насекаде се голем хит, бидејќи нудат евтина алтернатива за претрупаните улици, а можат лесно и едноставно да бидат паркирани, зашто зафаќаат минимален простор. Но, истовремено, нивната појава предизвика голем број критики за непромисленоста на некои возачи, пишува „Њујорк тајмс“.

Се појавија поплаки од граѓани дека скутерите се оставаат расфрлани по тротоари, во паркови, на плоштади, па дури и на тревници. Проблемот во Хобокен стана толку сериозен, што општината мораше да ангажира двајца сообраќајци што ќе ги контролираат недисциплинираните возачи. Некои од нив дури беа фатени како возат во алкохолизирана состојба, така што беше загрозена и безбедноста во сообраќајот. Секако, ако програмите за паметна употреба на скутерите добро се менаџираат, тие можат да го разредат метежот на улиците и да ја намалат сообраќајната криза со која се соочуваат многу светски градови. Скутерите се толку популарни во Хобокен, што треба да се чека на ред за нивно изнајмување во вечерните часови. Жителите на Менхетн што се враќаат од работа едноставно кликаат со мобилниот за да отклучат скутер, застануваат на него и се вклучуваат во уличниот сообраќај со брзина до 30 км/час. Изнајмувањето чини еден долар, плус 15 центи по минута.

Сепак, сите возачи не ги почитуваат правилата. Наменето е скутерите да се паркираат надвор од пешачките зони и активните сообраќајници, но факт е дека се оставаат практично насекаде. Некои корисници ги кршат правилата, возејќи по тротоарите, особено по редовните ноќни посети на баровите и клубовите, по кои Хобокен е надалеку познат. Неодамна локалната полиција поднесе обвинение против 34-годишна жена, која пијана возеше скутер. Неколку дена пред тоа, беше уапсена 26-годишна возачка на скутер, откако директно удри во автомобил и падна на земјата. Резултатите покажаа дека процентот на алкохол во крвта ѝ бил двојно повисок од дозволената граница. Началникот на полициската станица во Хобокен, Кенет Феранте, најави дека сторителите на сообраќаен прекршок што возат скутер ќе се соочуваат со истите казни како да управувале автомобил.

Хобокен издаде дозвола за употреба на скутерите во рамките на новата 6-месечна пилот-програма. Градот ангажираше и специјален консултант за процена на успешноста на програмата, која завршува кон крајот на ноември.
– Откако ќе заврши програмата, ќе донесеме решение за тоа во кој правец ќе се движиме. Засега сите опции се на маса – изјави Рајан Шарп, раководител на Одделот за сообраќај и паркинг.

Хобокен е идеален кандидат за една ваква програма за скутери, бидејќи 60 отсто од неговите жители на работа патуваат со воз или ферибот, користејќи го истиот терминал. Практично сите тие живеат во блиску, и тоа не подалеку од 2,5 километри од терминалот.

Во некои градови реакциите во однос на скутерите се драстични. Во јуни годинава, градоначалникот на Нешвил експресно ја откажа пилот-програмата во соработка со „Лајм“ и други провајдери на овие превозни средства, откако пијан возач на скутер беше смртно повреден во судир со автомобил. Законодавците во главниот град на државата Њујорк, Албени, дадоа предлог-закон за легализација на електрични велосипеди и скутери, но со еден важен исклучок – Менхетн беше издвоен како единствено место во државата, каде што овие превозни средства нема да бидат дозволени. Од друга страна, Њујорк е место каде што употребата на овие возила би била одлична алтернатива за преполното метро. Во меѓувреме, њујорчаните што сакаат да изнајмат скутер ќе мора да одат во Хобокен, паркот „Осбери“ или во неколкуте други места во Њу Џерси, каде што ваквиот вид превоз е легален.

И покрај сообраќајните незгоди и апсењата, електричните скутери се нашироко прифатени. Фил Џонс, раководител на Одделот за односи со властите во компанијата „Лајм“, се пофали дека само во градот Хобокен, за период од 5 месеци, повеќе од 30.000 корисници реализирале околу 500.000 возења на нивните скутери. Во мај беа донесени почетни 250 скутери, а во моментов ги има повеќе од 300. Ова е голема бројка за град со приближно 50.000 жители. Џонс истакна дека компанијата направила рестрикција за повеќе од 500 лица што ги кршеле правилата за користење – им дозволувале на своите деца да го возат скутерот или, пак, превезувале уште некого на него. Некои добиле и казни или предупредување за помали прекршоци.

– Се трудиме да им дадеме шанса на сите да го поправат своето сообраќајно однесување – рече Џонс.

Еден од редовните корисници, Дејвид Полинчок, раскажа дека се изнервирал кога видел дека некои луѓе возат скутери на тротоарите.

– Многу ме фрустрира кога гледам дека скутерите итаат по тротоарот, наместо да возат нормално на патеката за велосипеди, која е веднаш до него – се пожали Полинчок.
Како поранешен жител на Бруклин, кој одел на работа до Менхетн со велосипед, тој смета дека скутерот, во споредба со велосипедот, претставува многу понеризична варијанта на превоз.

– Се удирав од возила, останував блокиран во метежот, налетував на секакви дупки на патот – вели тој, раскажувајќи за опасностите од возењето велосипед низ улиците на Њујорк.

Сепак, додава тој, секој град не може да се справи со употребата на скутери. Тој раскажа за своето застрашувачко искуство со скутер додека бил на конференција во Лос Анџелес летово, велејќи дека не може да замисли каква корист би му донеле скутерите на пренатрупаниот Менхетн.

– Возењето скутер низ таква џунгла би претставувало вистински кошмар – изјави тој.
В.Б.Н.