Војче Китаноски сѐ почесто се појавува облечен како Јосип Броз Тито
Утре е 22 декември, Денот на армијата во бивша Југославија, кој денес за помладите не значи ништо, но за познатиот македонски хуморист Војче Китаноски тој ден е многу важен. Особено од пред 6 години кога во јавноста почна да се појавува во униформата на маршалот Јосип Броз Тито.
Кога почнавте да го имитирате Тито, со облека, со изглед и со начин на зборување?
– По првото доаѓање во градот Јајце во Босна и Херцеговина пред шест години, каде секој 29 ноември се одбележува Денот на Републиката на некогашна Југославија и се организира голема прослава, си дадов задача следната година да се појавам таму во униформа на Тито. Набавив и специјална гардероба, соодветна на настанот. Шинелот, сличен на оној што го носел и маршалот, го најдов речиси нов, во Старата скопска чаршија во една продавница за сувенири, капата ми ја сошија во Драмски театар, војнички панталони имав дома, а чизмите ги купив на Битпазар за 1.500 денари. Ордени ми даваа луѓето секаде каде што ќе се појавев како Тито.
Какви беа реакциите кога првпат се појавиве во јавноста како Тито?
– Првото патување како Тито беше за мене неповторлив настан и жал ми е што не го снимивме. Заминавме четворица со автомобил за Јајце преку Србија. На нашата граница ми посакаа среќа, а на српската полицаецот мислеше дека сум воено лице од некогашна Југославија кое дезертирало и се враќа да го упасат. Ме праша дали имам оружје и каде одам, а јас му реков: „Зарем не гледате дека сум Тито!“ Во ресторанот во Предејане отидовме на кафе и кога влеговме внатре сите станаа. Јас чекорев толку гордо и достоинствено што моите сопатници ми рекоа дека сигурно сум го вежбал тоа. Кога седнавме, се фотографираа со мене сите присутни, а келнерот дојде и рече: „Друже маршале што ќе појадувате на наша сметка!“. Инаку, секаде каде ќе се појавевме иста беше сликата, интерес, фотграфирање, комплименти… Едноставно на луѓето им беше убаво да ме видат, особено на оние кои живееле во некогашна Југославија.
Кога вистински „влеговте“ во улогата и навистина се почувствувавте како Тито?
– Тоа беше во моментите кога првпат се облеков како маршал Тито. Веднаш почуствував огромна сила и наплив на позитивна енергија. Едноставно, не знаев што ми се случува. Потоа сфатив дека во тој момент ми се остварува сонот од деството, кога дедо ми, кој беше служител во училиштето во родното село Крапа, како петгодишно дете ме носеше со него. Првото што го забележав во училишната зграда беа сликите на Тито, закачени во сите училници. Го прашав кој е тоа, а тој ми рече: „Не прашувај, тоа е Јосип Броз Тито, најголем војсководач и претседател на Југославија“. Кога потпораснав и почнав да ја сфаќам гоелмината на Тито, а кога имав 30 си реков дека кога ќе наполнам 60 години јас ќе личам на Тито и мислам дека навистина е така.
Има ли некоја средба што ви остана во сеќавање?
– Многу, еве некои. Стигнауваме во Сараево и преубава Босанка ми приоѓа и ми вели: „Друже маршале бидејќи моите баба и дедо беа ваши партизани би сакала да имам фотографија со вас“, а во хотелот „Сарај“ на Баш чаршија и кога ме видоа на рецепција рекоа: „Апартман за маршалот“. А кога стигнавме на собирот во Јајце се приближува кон мене некогашно воено лице во ЈНА исто во униформа, на возраст од шеесетина години и ми вели: „Бидејќи претходно кога бев во ваше друштво не се фотографирав, ајде бараме сега да се сликаме за спомен“. Сите кои приоѓаа беа насмеани, ниеден не беше намуртен. Си помислив. „Кога јас сега радост носам секаде, замсилете како било Тито кога с епојавувал во јавноста?“. Бев на пет историски значајни места за победата во НОВ: Јајце, Неретва, Сутјеска, по врвиците на Игманскиот марш и се разбира во Кумровец, родното место на Тито на 25 мај, пред две години. Имаше гости од 78 градови од екс Југославија. Се сеќавам таму беше и хрватскиот политичар Стипе Месиќ, всушност јас и тој бевме најголеми ѕвезди таму.
Веројатно и во Кумровец сите сакале да се ракуваат со вас и да се фотографираат?
– Да, но имаше и една непријатна случка, ама со среќен крај. Пред крајот на манифестацијата доаѓа кон мене началникот на СВР Кумровец, а јас си помислив дека сака да се сликаме. А тој војнички ме поздрави, бидејќи тоа е непишано правило кога ќе се сретнат униформирани лица и ми вели: „ Друже маршале во име на хрватскиот народ мораме да ве уапсиме бидејќи ги навредувате чувствата на хрватските бранители, поради тоа што носите униформа на злосторничката армија“. Јас се збунив, а домаќините пропаднаа во земја од срам. Ми ја побараа личната карта и реагираа зошто е на кирлица. Потоа ми објаснија дека помислиле дека сум од Словенија или од Хрватска, но кога сфатиле дека сум од Македонија омекнаа. На крајот ми рекоа: „Се ослободува господинот Војче Китаноски од обвинението бидејќи доаѓа од Македонија, која не е во ЕУ и не ги знае правилата на однесување во Унијата“.
А во Скопје, кога првпат се појавивте како Тито?
– На прослава на Денот на независноста, на 8 Септември во 2017 година имаше организирана посета на Владата за обични граѓани. Јас во едно блиско кафуле се пресоблеков и неочекувано застанав во редицата како Тито, со оние кои сакаа да влезат во зградата. Луѓето од обезбедувањето не знаеја што да прават со мене, а некои од оние кои беа таму се пошегуваа: „Не личи Тито да чека нека влезе преку ред“. Таму беше и една млада, 20-годишна Американка и ме праша на анаглиски: „Кој сте вие“?, а јас и одговорив: „Јас сум маршал Тито“. Таа веднаш им се јави на родителите во САД и им се пофали: „Знаете ли со кого сум, со маршал Тито“, но тие веднаш и одговорија дека Тито починал уште во 1980 година.
Во униформа на Тито се појавивте и лани на 13 Ноември, на денот на ослободувањето на Скопје, за што имаше и реакции од Бугарија.
– Да, лани на 13 Ноември, со дозвола од Град Скопје, облечен во уноформата на маршал Тито прошетав на пет значајани места за неговото ослободување во 1945 година. Тоа веднаш го забележале во Бугарија и му се јавија од една телевизија дури и на тогашниот градоначаник Петре Шилегов и го прашаа: „како тоа диктаторот Тито се шета слободно низ Скопје“. Реагираа дури и тогаш актулените политичари Захариева и Каракачанов. Токму во тој период Зоран Спасов Ѕоф ја издаде книгата „Мојот претпоследен херој“ посветена на Тито, на кого мислам дека токму со тоа мое појавување и прашината што се крена околу тоа, му направив добра реклама.
А дали можеби познавате некој близок роднина на Тито?
– Јас сум пријател со внукот на Тито Јошка Броз (74), чиј татко е Жарко, синот на маршалот. Тој на 12 јуни, лани, ме посети во Охрид и беше многу задовлен од пречекот. А се знаеме од 2004 година. Кога одам во Белград задолжително се гледаме и знае во шега да ми каже: „ Ти повеќе знаеш за моето семејство од мене“. А јас му возвраќам дека за мене Тито и Јованка се втори мајка и татко.
Слушнавме дека подготвувате и монодарама за Тито, точно ли е тоа?
– Идната година одбележувам 45 години кариера, а ќе бидат одбележани и 130 години од раѓањето на Тито, па одлучив овие два датума да ги спојам со изведба на две монодрами, едната за мојот живот и кариера, а втората за Тито. За таа прилика веќе се подготвени две нови маршалски униформи и шинел и скоро сум готов со текстот. Чувствувам дека тоа ќе биде мое животно дело.