Се апелира до населението во нашата земја в сабота во 20.30 часот, како и во 180 држави во светот, еден час да ги исклучи непотребните светилки во својот дом
Милиони луѓе во светот виртуелно ќе се обединат во испраќање заедничка порака за спас на планетата Земја, в сабота 27 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција „Часот на планетата Земја“, како предупредување дека климатските промени се случуваат сега и тука. Точно во 20.30 часот по локално време, во мрак ќе потонат илјадници споменици во 8.000 града на 180 држави, а меѓу нив е и Македонија.
Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, „Часот на планетата Земја“ се претвори во глобален настан на солидарност. Со докази што упатуваат на тесна поврзаност меѓу уништувањето на природата и светските пандемии, како актуелната на ковид-19. „Часот на планетата Земја“ и Светскиот фонд за природа (ВВФ) оваа година ќе го искористат едночасовниот мрак за да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина.
Глобалните истражувања покажуваат дека светот не успеал да ги исполни целите за зачувување на биодиверзитетот лани, а тоа се случува веќе 10 години во низа. „Часот на планетата Земја“ како еколошка акција е клучна можност поединците, невладините организации, бизнисите и сите други да ги повикаат светските лидери да се фокусираат на зачувување на природата, како најважната алка за опстанокот на животот на Земјата.
– Оваа година е клучна година за човештвото. Додека светот се обидува да закрепне од пустошот на пандемијата на ковид-19 и да се изгради повторно, треба да ја ставиме природата во центарот на нашите напори за обновување за да ја осигуриме нашата иднина. Часот на планетата Земја е критичен момент за поединците, лидерите и еколозите да се обединат и да повикаат на итни мерки за да се врати загубата на природата и да се обезбеди природен позитивен свет до 2030 година – вели Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа (ВВФ).
Нашата земја 12 години едноподруго активно учествува во еколошката акција за спас на Земјата, обединувајќи илјадници луѓе низ државата во едночасовниот глобален мрак. Неодамна беше претставен рекламен спот, во кој поддршка дадоа Црвениот крст на РСМ и Здружението на извидници на Македонија, како и голем број познати личности, меѓу кои актерот Васил Зафирчев, зоологот Војо Иванов и водителите Ване Марковски и Јана Серафимова.
Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата во Македонија вели дека поради пандемијата, оваа година настанот ќе се одбележи виртуелно и повикува акцијата да ја префрлиме од улиците во нашите домови, со тоа што ќе ги исклучиме непотребните светилки во период од еден час.
– Полицискиот час во Македонија започна со одбележувањето на „Часот на планетата Земја“ минатата година и, еве, една година потоа, ние сѐ уште сме во ситуација виртуелно да ги одбележуваме ваквите иницијативи.
Работиме на уникатен онлајн настан, дигитална конференција за климатските промени, за која повеќе детали ќе објавиме во деновите што следуваат. Секако, останува моментот на едночасовно исклучување на осветлувањето, па така во мрак ќе потонат повеќе локации во нашата земја, секако доколку не се зголемат или продолжат превентивните мерки против пандемијата на ковид-19 до 27 март. Повикот за акција важи и за граѓаните, па ги повикуваме масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови – вели Селков.
Од канцеларијата на „Часот на планетата Земја“ во Македонија велат дека само почитувањето на правилата што ги диктира природата е услов да го вратиме изгубениот баланс на Земјата.
– Нашиот сегашен начин на живеење доведува до катастрофално уништување на природата што ја зголемува нашата ранливост кон пандемии, ги забрзува климатските промени и ја става во ризик нашата егзистенцијата.
Затоа е важно да сфатиме дека секој од нас има моќ да направи промена, а нашата акција е мал поттик и повик за акција кон целиот свет – додава Ѓорги Селков, организатор на акцијата во нашата земја.
Инаку, во изминатата деценија, движењето „Часот на планетата Земја“ помогна во создавање 3,5 милиони хектари заштитена морска област во Аргентина, шума од 2.700 хектари во Уганда и помогна да се донесе нова законска регулатива за заштита на морињата и шумите во Русија. Минатата година, ВВФ- Еквадор се заложи за закон за забрана за употреба на пластични ќесиња, други пластични еднократни производи и производи од стиропор во главниот град, додека, пак, во Индонезија се засадени 20.000 садници на дрвото мангрови во 13 града.