Плачењето е различно доживување за секој човек. Некои луѓе може да се разнежат и од најмали нешта, други, пак, се ладни како камен дури и во најтажните ситуации. Плачењето е израз на силна емоција, а може да биде предизвикано од тага, болка и лутина, но и од среќа или возбуда.
Истражувањето на Тексашкиот универзитет во Арлингтон покажало дека жените што плачат за време на расправија со својот партнер имаат поголеми шанси да го решат конфликтот. Од друга страна, во расправиите во кои жената не плаче, конфликтот најчесто ескалира. Плачењето ги продлабочува врските меѓу луѓето. Луѓето имаат потреба да добиваат поддршка од другите.
Очите произведуваат различни солзи: постојани или базални солзи, кои се создаваат за да ја зачуваат влажноста на очите, рефлексни солзи, кои се создаваат како реакција на иритација, и емоционални солзи како резултат на различни емоции. Научниците го анализирале составот на различните солзи и донеле заклучок дека емоционалните солзи имаат различен состав од солзите предизвикани поради иритација или поради лубрикација. Емоционалните солзи содржат ензими, имуноглобулини и протеини какви што не се среќаваат во другите видови солзи. Постои теорија дека плачењето е начин за ослободување од токсините што ги создаваат хормоните на стресот, па поради тоа се смета дека е корисно за здравјето.
Кој плаче повеќе? На ова прашање секој без двоумење ќе одговори дека жените плачат повеќе од мажите. Жените, во просек, плачат 64 пати годишно, а мажите 17 пати. Научниците веруваат дека една од причините што жените плачат почесто е хормонот пролактин, кој жените го имаат 60 отсто повеќе во своето тело од мажите.