Експертите од државниот универзитет „Гент“ во Белгија веруваат дека генетските варијации кај популацијата може да објаснат зошто во некои земји починале многу поголем број луѓе од коронавирусот. Според нив, скандинавските земји и земјите од Источна Европа се помалку погодени од пандемијата од другите земји како резултат на разликите во гените.
Имено, во скандинавските земји бројот на смртни случаи е значително понизок од просекот, додека во балканските земји бројот на починати е исто така релативно мал. Спротивно на тоа, пандемијата на ковид-19 сериозно ги погоди северниот дел на Италија, Шпанија и американската држава Њујорк.
Белгиските научници откриле дека колку повеќе жители на една земја имаат Д-полиморфизам на генот АЦЕ1, во тој регион се забележани помалку смртни случаи од ковид-19. Полиморфизам е термин што во генетиката се опишува како појава на повеќе варијанти на истиот ген во рамките на една популација.
– Колку повеќе одиме кон Источна Европа, толку е почест полиморфизамот Д на генот АЦЕ1. А тоа корелира со сериозноста на пандемијата на коронавирусот, односно гледаме дека епидемијата се намалува како што се движиме од Западна кон Централна и Источна Европа – објаснува микробиологот и имунолог Јорис Делане од универзитетот „Гент“.