Некои музиката на „Зи-зи топ“ ја нарекуваат електронски вестерн, а членовите на бендот – долгобради насмеани десперадоси. Сепак, тие свират моќен блуз, со тешка и леплива ритмика што ја истакнува виртуозноста на гитаристот Били Гибонс

„Зи-зи топ“ е успешно рок-трио, кое од сите бендови најдолго се одржа во историјата на рокенролот. Триото е основано во Хјустон, Тексас, и од 1969 година, кога го издадоа својот прв музички албум, па до денес не е променет неговиот состав. Основачи и денешни членови се Били Гибонс (вокал, гитара), Дасти Хил (вокал, бас гитара, клавијатури) и Френк Берд (тапани). Случајно или не Били и Дасти имаат долги бради, едниот слабичок, а другиот елегантно пополнет, што е составен дел на нивниот имиџ, а Френк, чие презиме значи брада, безмалку секогаш мазно е избричен. „Зизитоповци“ од почетокот на својата кариера свират блуз-рок, буги-рок и хард-рок на свој жесток јужњачки начин со неизбежна доза хумор во текстовите на нивните песни.

Групата својот прв албум го издава во 1970 година, а истата година е издаден и синглот „Shakin’ Yuor Tree“. Овој албум се покажа комерцијално неуспешен, но музичките критичари и рок-музичарите од браншата позитивно го оценија. Следуваа покани за турнеи со Џими Хендрикс, Џенис Џоплин и други познати рок-бендови. Бендот со многубројните настапи во Тексас, Луизијана, Мисисипи и другите сојузни држави во САД стекна сигурност и следбеници, од што доби поттик да го издаде вториот албум наречен „Rio Grande Mud“. Следува третиот албум наречен „Tres Hombres“, издаден во 1973 година, а набргу потоа следуваат, четвртиот и петтиот носач на звук. Со издавањето на овие пет албуми, вистински рок-блуз класици, на кои се наоѓаат музички хитови за сите времиња, како што се „La Grange“, „Tush“, „Blue Jean Blues“, „Sharp Dressed Man“, „Legs“, „Sleeping Bag“, „Rough Boy“, „Gimme All Your Lovin“…, групата стекнува светска популарност. Следуваат многубројни турнеи и концерти, и оттогаш „Зи-зи топ“ е незапирлив.

По повеќе од 48 години постоење, бендот е и понатаму активен, повремено објавува нови музички албуми, а нивните концерти се едни од највеселите и зрачат со позитивна енергија. Најголем успех постигнаа во 1983 година со албумот „Eliminator“, кој наедно е и прв албум на кој користат синтисајзери и ритам-машини. Тогаш бендот направи пробив и на каналите на Ем-ти-ви, кои постојано, и до ден-денес, ги пуштаат спотовите за нивните песни „Legs“, „Sharp Dressed Man“ и „Gimme All Your Lovin“. Подоцна со албумот „Antenna“, издаден 1994 година се враќаат на својот изворен и оригинален звук. Инаку овој албум е насловен според радиостаницата на која како млади, членовите на „Зи-зи топ“ слушале музика.

Музиката што овој бенд ја создава, нивните обожаватели ја нарекуваат зизитоповски буги-рок. Самите наслови на нивните песни се атрактивни, а содржините пак им се полни со приказни за убави девојки, алкохол, пијанки и тепачки. Некои музиката им ја нарекуваат електронски вестерн, а нив долгобради насмеани десперадоси. Сепак, во суштина нивната музика е моќен блуз, со тешка и леплива ритмика, која ја истакнува виртуозноста на гитарата на Били Гибонс. Во тој буги-блуз има егзотика, хумор и самоиронија, што како извонреден микс им се допаѓа на обожавателите на „Зи-зи топ“.
Мој фаворит од нивните класици без конкуренција е безвремената „Blue Jean Blues“. Тоа е блуз-нумера со сите нишани на чист, оригинален рок-блуз, поточно тексашки блуз. Празник за ушите, милина на душата и вибрации за срцето. Инаку, тие се и целосно брендирани, и како такви се оригинални и единствени: Били и Дасти имаат бради на кои би им завиделе амишите и мормоните, со шешири на главите кремасти/сивомаслинести, стари сто години, и евтини темни очила за сонце, се возат во „зи-зи топ мобил“, еден вид црвен кабриолет со логото „Зи-зи“, а тешкиот и бучен буги-рок звук им е повеќе од заштитен знак.

Тие се „кул рокери“, кои со леснотија и лежерност создаваат моќен и бучен опуштен рокенрол, наречен буги-блуз. Кога ги гледаме и слушаме нивните урнебесни концерти, добиваме впечаток дека присуствуваме на совршен спектакл. Додека Френк виртуозно и енергично удира по тапаните како да е глув, и чиниш во бунило, Били и Дасти, свирејќи на гитарите трчаат по сцената пеат, прават мимики и вметнуваат досетки во мелодиите. Како две марионети придвижувани од раката на еден ист куклар. Впрочем во ова се уверивме во 2009 година кога брадестите ветерани од Тексас гостуваа во Македонија и одржаа еден урнебесен концерт, од кој сите бевме воодушевени. Нивниот буги-блуз и буги-рок е брз, динамичен, експлозивен полн со хумор, иронија и самоиронија. Иако навидум тие личат на тексашки рурални типови, сепак се многу повеќе од тоа. Не случајно Били Гибонс важи за еден од најголемите и најдобрите блуз-гитаристи во светот, од телевизискиот канал Ви-ејџ-уан сместени се меѓу 100 најголеми артисти на хард-рок музиката, а во Рокенрол-куќата на славните групата е примена во 2004 година.

Извадок од книгата во печатење Обожавани музички икони. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди


Интересни факти за бендот

Има повеќе занимливости за овој бенд, еве некои од нив:
– На 4 мај, 1991 г., гувернерот на Тексас, Ен Ричардс, прогласи ден на „Зи-зи топ“, како признание за групата, која моќта на ритамот на тексашкото буги им ја пренела на сите обожаватели во светот
– Во 1993 година, групата заработи 15 милиони долари за настапот, за одбележување на 90-годишнина на компанијата „Харли Дејвидсон“
– Една позната компанија за производство на жилети им понуди десетици милиони долари за реклама во која Били и Дасти би ги избричиле брадите, но членовите на групата ја одбиле понудата
– Во 1995 година, групата доби 30 милиони долари отштета од компанија што произведувала и продавала душеци за спиење полнети со материјал што го нарекла „Зи-зи топер“.