Ротквичката го поттикнува варењето на храната
Ротквичката се користи во салати и во сокови и е погодна за подобрување на апетитот. Потекнува од Азија, каде што се одгледувала и се берела уште пред 3.000 години. Нејзините состојки ја подобруваат работата на цревата, односно на системот за варење на храната. Таа содржи многу малку калории, па затоа е сојузник на добрата физичка форма и се користи во диетите за слабеење.
Сокот од свежа ротквичка е добар за жолчката, а се покажал како особено корисен и во излачувањето слуз од дишните патишта во текот на сезонските болести, бронхитисот и грипот. Некои експерти тврдат дека е моќно оружје против кашлица и главоболка.
Ротквичката е одлично средство во борбата против жолтица. Покрај тоа, таа е одлична намирница за поттикнување пролетна детоксикација – без разлика дали ја јадете сурова, од неа цедите сок или ја додавате во некои комплексни напивки за чистење на телото од насобраните токсини.
Овој зеленчук, кој сега го има на пазарите, не е многу скап, а е многу корисен и одлично оди во комбинација со зелена салата. При изборот, внимавајте топчињата да се цврсти, а ливчињата на снопчињата да бидат свежи и зелени.