Уникатна изложба „Тиквешка магија“ во Музеј-галеријата во Кавадарци
Во Музеј-галеријата во Кавадарци во тек е изложбата на декоративни лејки и ламби од лејки на кавадарчанецот Звонко Спасовски, насловена „Тиквешка магија“. Иако од 1999 година работи како професионален фризер во неговиот салон „Зодијак“, меѓу кавадарчани овој креативец е познат и по неговата исклучителна дарба да декорира обични лејки, од кои прави вистински уметнички дела.
Интересот за ова хоби кај Звонко почнува во 2003 година, кога самоук, посветено, чекор по чекор, ја освојува техниката на врежување орнаменти со вжештен пирограф на лејките, притоа создавајќи своја техника и препознатлив ликовен јазик. Ова е негова прва самостојна изложба во која ги покажува целата своја дарба и креативност преку уникатните орнаменти, кои магично оживуваат со помош на електричната светлината во уникатни ламби. Неговите дела всушност имаат двојна приказна, прекуден се сувенири, а навечер како во бајките се претвораат во ламби со волшебна убавина.
Изложени се 35 негови дела, а еден салон од музејот е осветлен амбиентално, само со светлата од ламбите од лејки.
– Во изминативе две децении лејките се мојот единствен медиум каде што ја изразувам мојата креативност. На почетокот изработував накит, потоа сувенири, а во последните десет години правам исклучиво ламби. Досега имам остварено соработка со луѓе од оваа фела од целиот свет, од сите континенти, и со нив разменувам искуства што многу ми користат. Во дострелите во оваа област доминира Турција, со најголем број уметници што изработуваат сувенири од лејки, голем е интересот и во Северна Америка, а во Европа има помал број заинтересирани. Се издвојува Полска, додека на Балканот нѐ има малкумина – вели авторот Звонко Спасовски.
Тој на почетокот користел лејки од Македонија, но бидејќи се потенки почнал да набавува семенски материјал од Африка и од Јужна Америка и во Тиквешијата почнал успешно да одгледува повеќе сорти лејки. Од нив, како што вели, со техниката плитка резба се изработуваат прекрасни орнаменти на ламбите.
Во 2004 година на Базарот на ракотворби во Скопје, Звонко Спасовски ја добива плакетата за најдобар производ, во конкуренција од 150 учесници. До 2015 година редовно учествува на базарите и постојано се усовршува во техниката на изработка. Развил и сопствена техника, која ја нарекува „македонска“.
– Техниката на изработка на лејките е многу комплексна и се состои од повеќе фази, како што се горење, гравирање со плитка резба и брусење, додека македонската техника всушност значи создавање релјеф без резба, туку со зарежување, па досушување, која почнуваат да ја применуваат и другите уметници со кои соработувам. Техниката на горење (пирографија) е всушност цртање со вжештен предмет. Таа се применува најчесто на дрво, хартија и кожа, а боите што се добиваат се нијанси на кафена (сепија). Времетраењето на допирот на пирографот ја одредува нијансата, што значи дека корекции речиси нема и затоа е потребна огромна концентрација – објаснува Звонко Спасовски.
При изработката, тој користи и лејки што не се од нашето поднебје, односно потекнуваат од Африка, Јужна Америка и Северна Америка, но се одгледани на ова тиквешко поднебје и на македонското сонце.
– Најзастапени во мојата изработка се геометриските мотиви што се инспирирани од универзумот, бидејќи природата е создадена по законот на златната пропорција на бројот фи (фи = 1,68), која е видлива кај сите живи суштества на планетата. Исто така, најчест симбол аплициран на лејките е „цветот на животот“, но застапени се и македонски мотиви инспирирани од богатото културно наследство, како и мотиви од Тиквешијата, флората и фауната.
Сметам дека овие несекојдневни уметнички творби имаат непроценливо значење затоа што го задржуваат уникатниот профил на нашата култура и уметност – вели кураторката на изложбата Билјана Галабова.