Актерската икона што зад себе бележи богата филмска и театарска кариера, остави трага и во македонската кинематографија преку својата прочуена улога во филмот „Исправи се, Делфина“, во режија на Александар Ѓурчинов
Колегите, пријателите, блиските, сите што ја сакаа и почитуваа српската глумица Неда Арнериќ, со трогателни пораки на социјалните мрежи и изјави за медиумите се збогуваат од легендарната глумица, која почина на 10 јануари во својот стан во Белград, на 67 години.
Југословенската актерска икона, која зад себе бележи богата филмска и театарска кариера, остави трага и во македонската кинематографија преку својата прочуена улога во филмот „Исправи се, Делфина“, во режија на Александар Ѓурчинов. Оваа улога ѝ донесе „сребрена арена“ на Фестивалот во Пула во 1977 година, како и наградата „Царица Теодора“ на Нишкиот филмски фестивал. Нејзиниот лик беше базиран на вистинска личност, Атина Бојаџи, првата жена од Југославија што го преплива каналот Ла Манш.
Освен во овој култен филм, Неда играла и во многу други македонски филмски остварувања.
Познатата глумица последен пат беше во Македонија на 13 октомври минатата година. Настапи во Битола со новата театарска претстава „Се извинуваме, многу се извинуваме“, во големата сала на Центарот за култура, по повод 39-от роденден на оваа институција. За оваа претстава Неда Арнериќ беше наградена со бурни и долги ракоплескања од публиката низ регионот.
– Текстот на претставата се однесува на луѓето во постари години што бараат сродни души. Јас од своето животно искуство би порачала: „Луѓе, не откажувајте се од животот, дури ни кога ви е најтешко, кога сте оставени сами, кога никому не му требате. А, тоа е само привидно. Бидејќи повторно ќе најдете некој со кого ќе го поминете остатокот од животот, со кого ќе ви биде убаво – изјави тогаш Неда Арнериќ за македонските медиуми.
Иако ја нарекуваа вечно девојче на југословенската кинематографија, таа не го сакала тој епитет.
– Прекарот Малата Неда долго ме прогонуваше и толку ме нервираше што често сама си додавав години – искрено тврдела Неда.
Кога ја прашале како би ја конципирала својата автобиографија, која за жал не успеа да ја напише, имала јасна визија.
– Првото поглавје би можело да има наслов „Девојчето на филм“. Потоа следува фазата „Бегање од светската кариера“, па потоа „Првата љубов во Белград“, поради што се вратив во татковината. Следува поглавјето за актерското созревање, долгиот брак со сопругот Миле, кој траеше 37 години. Заедно поминавме прекрасни моменти – изјавила Неда.
Арнериќ е родена на 15 јули 1953 година во Књажевац, а својата кариера ја започнала на рана возраст, на 13 години, со својата прва улога во филмот „Сон“. На 16-годишна возраст таа се запишала на Академијата за театар, филм, радио и ТВ, но поради големата активност во театарот, како и на филмски сет, Арнериќ не успеала да ги заврши своите студии. Во 1980 година, таа сепак дипломира, но на Катедрата за историја на уметност, на Филозофскиот факултет во Белград.
Неда Арнериќ зад себе има над 100 филмски и 40 театарски улоги. Меѓу најпознатите улоги се вбројуваат оние во филмовите: „Вишња од Ташмајдан“, „Пладне“, „Неделен ручек“, „Сутјеска“, „Татко на одредено време“, „Приказни преку полна линија“, „Кој тоа таму пее“, „Крајот на војната“, „Халоа “, „Три карти за Холивуд“, „Шафт во Америка“ и многу други.
Како што соопштуваат српските медиуми, нејзиното безживотно тело го пронашол брат ѝ, во нејзиниот стан во населбата Врачар во Белград.