Градските власти во Западен Холивуд едногласно ја усвоија одлуката за трајно отстранување на ѕвездата на американскиот претседател Доналд Трамп од „Булеварот на славните“, откако обележјето беше вандализирано во повеќе наврати, пишува „Индепендент“.
Ѕвездата беше безмалку потполно уништена во вандалски напад со копач минатиот месец. Згора, обележјето се претвори во место на судир помеѓу поддржувачите и противниците на политиката на Трамп.
– Градското собрание на Западен Холивуд едногласно ја усвои резолуцијата со која се бара отстранување на ѕвездата на Трамп од „Булеварот на славните“ – напиша градоначалникот на Западен Холивуд, Џон Дуран, на Твитер.
Ваквата одлука претставува преседан бидејќи надлежните институции претходно соопштија дека никогаш нема да отстранат ѕвезда од „Булеварот на славните“, со образложение дека тие ја претставуваат историјата на забавната индустрија во САД. Западен Холивуд одби да ги симне ѕвездите кои ги слават актерот Кевин Спејси и комичарот Бил Козби, кои беа вмешани во секс-скандали.
Градските медиуми на Западен Холивуд објавија серија написи во кои се наведува неприфатливото однесување на Трамп кон жените, за време и по претседателската кампања во 2016 година, неговиот однос кон мигранските семејства, односно разделувањето на децата со родителите на границата со Мексико, како и повлекувањето на САД од Парискиот договор за заштита на климата.
Ѕвездата на американскиот претседател е една од преку 2.600 вакви обележја на холивудскиот булевар, која беше поставена во 2007 година поради придонесот на Трамп во организацијата на изборот за Мис Универзум.