Шпанскиот еп за Ел Сид Кампеадор

Во 1307 година Пер Абад го запишал шпанскиот еп, кој потекнувал од 12 век и во почетокот се пренесувал само усно. Епот е напишан на средновековниот кастиљански јазик, претходник на современиот шпански јазик. Денес една копија од Пер Абад се чува во Националниот музеј на Шпанија, но недостигаат првата и неколку други страници. Епот е поделен на три дела и се состои од 3.700 стиха, а неговиот оригинален наслов не е зачуван. Делото е засновано на вистинската приказна на шпанскиот херој Родриго Дијаз де Вивар, познат како Ел Сид Кампеадор (големиот витез). Дејството се случува во текот на историскиот период на Шпанија познат како реконквиста – односно повторното освојување на Шпанија од страна на христијаните и нивните борби против муслиманите.


Пентекост

Пентекост е остров во островската држава Вануату, лоцирана во Тихи Океан. Овој остров е планински и опфаќа површина од околу 490 квадратни километри. Планинскиот предел на островот се дели на источен и западен брег, а највисоката точка на островот е Вулмат со 947 метри. Островот има околу 18.000 жители, кои најчесто живеат во западниот дел, не постојат градови во вистинска смисла на зборот, а населението живее во села. Домородното население островот го именува како Рага или Арага.


Викуња – јужноамериканската „камила“

Викуњата има заеднички предок со алпаката и е сродна со ламата. Таа е една од претставниците на фамилијата камили во Јужна Америка, заедно со гванакото. Инките ги ценеле поради предивото од кое изработувале облека, која смееле да ја носат само членовите на кралската фамилија. Викуњата дава мало количество волна, која е крајно фина. Бидејќи викуњата се стриже на секои три години и мора да се фати во дивина, нејзината волна е многу скапа. Во 1974 година беше прогласена за загрозен вид бидејќи беа посведочени само 6.000 единки, благодарение на заштитата и преземените мерки денес не се сметаат за загрозени, а нивниот број изнесува околу 350.000.


Ѕонга – најстар автохтон јазик во Бутан

Ѕонга е државен и службен јазик во Кралството Бутан, иако јазикот не е мнозински во оваа држава, кралската фамилија се одлучила да го воведе како државен јазик на целата територија бидејќи е најстар автохтон јазик во Бутан. Тој се пишува со бутанската варијанта на тибетско писмо и спаѓа во групата тибетски јазици, односно во семејството на синотибетските јазици. Името на овој јазик потекнува од зборовите dzong (манастир) и kha (јазик), а во буквален превод означува јазик што се говори во ѕонгите.


Титан – најголемата месечина на Сатурн

Титан, познат и како Сатурн VI, е најголемата месечина (природен сателит) на планетата Сатурн во нашиот Сончев Систем. Титан има густа атмосфера и е единственото небесно тело, со исклучок на планетата Земја, на која е забележана постојана течност на површината. Титан е втората најголема месечина во Сончевиот Систем, по Ганимеда – природниот сателит на Јупитер. Титан има повеќе езера од течен метан и азот, меѓу кои и Охридско Езеро (Ohrid Lacus), именувано според Охридско Езеро во Македонија.


„Космос-307“ – сателит од советската ера

„Космос-307“ беше вештачки советски сателит, кој беше лансиран на 26 октомври 1968 година од космодромот „Капустин Јар“ во тогашниот Советски Сојуз. Тој е еден од 2.200-те советски сателити во рамките на советската програма „Космос“. Неговото исфрлување беше во ниска орбита околу планетата Земја, а неговата намена била за научно и воено истражување.