Нашата скапа и сакана Македонија

Јордан Поп Јорданов, познат како Орцето, е главниот водач на т.н. Гемиџии, македонскиот анархистички кружок што во април 1903 година ги извршува познатите Солунски атентати, а нивна позната изрека била: „Се арчиме за Македонија“. Покрај тоа што се истакнувал со својата храброст, Орцето бил голем идеалист и сакал со својата смрт да биде корисен за македонската кауза и својата татковина Македонија. Непосредно пред атентатите, Орце го осигурил својот живот во друштвото „Њујорк“ на 10.000 франци, и тоа на името Симеон Радев. Пред нападите во Солун, Орце го замолил Радев осигурените пари по неговата смрт да му ги предаде на Борис Сарафов, затоа што им помагал на гемиџиите на разни начини. Во писмото на Орце до Радев, во кое го информира за својата желба, меѓу другото се вели: „Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија.“


„Споменик на незнајниот македонски четник“

Во август 1933 година, по повод одбележувањето на триесетгодишнината од Илинденското востание, Македонците во Бугарија свечено го претставија „Споменикот на незнајниот македонски четник“. Споменикот претставуваше статуа на четник (комита) на Македонската револуционерна организација (МРО) и со метални букви беше испишана годината на нејзиното основање. Споменикот беше изработен од скулпторите Пандо Киселничев и Кирил Шиваров и се наоѓаше на плоштадот „Македонија“, во центарот на Горна Џумаја (денес Благоевград), во близината на локацијата каде што во 1955 година беше поставен споменик на македонскиот херој Гоце Делчев. Во 1934 година бугарските власти ги забрануваат сите македонски организации и друштва во Бугарија, вклучувајќи ги и сите прослави и демонстрации околу споменикот. Во 1944 година споменикот беше уништен.


Печат на главниот штаб на Македонското востание

Во октомври 1878 година беше организирано Македонското (Кресненското) востание, кое почна со ослободување на селото Кресна, во долината на реката Струма, од османлиската власт. Востаниците беа предводени од Главниот штаб и Димитар Поп-Георгиев Беровски, кој бил избран за началник на штабот. Сите официјални востанички документи го имаат печатот на Главниот штаб, на кој пишува Македонско востание, како и годината на неговото организирање. Печатот се наоѓа во Музејот на Македонија и е во сопственост на македонската држава.


„На Мокров“ – расказ од животот на Македонците

„На Мокров“ е расказ објавен во списанието „Лоза“, официјалниот орган на Младата македонска книжевна дружина, напишан од Петар Поп Арсов. Во расказот дијалозите се на македонски народен говор карактеристичен за Азот, напишани со лозарски правопис, но усовршени и единствени во „Лоза“. Лозарите прифатиле еден нов правопис и јазик што се печател во списанието. Новината се состоела во исфрлањето на знаците ъ и ь од крајот на зборовите, додека за означување на мекоста се предвидувал симболот `, за членување на машкиот род во еднина се отфрлала формата ьт и се заменувала со от. За означување на дифтонзите я и ю се употребувале i+a =ја, i+y=ю. Петар Поп Арсов е вториот Македонец (првично оваа форма ја употребува Спиро Гулапчев) што во својот расказ за меките македонски консонанти ја употребува формата на графеми, онака како што Крсте Петков Мисирков ги употребил 11 години подоцна во книгата „За македонцките работи“. Новината се состоела во употребата на графеми за палаталните консонанти к` (кук`а, нек`у, к`е); г` (мег`у, луг`е, г`аур) и н` (кон`у), во овие дијалози не може да се пронајде буквата л`.