„Болното дете“
„Болното дете“ е име на поголема група уметнички дела што се состои од шест слики и голем број литографии изработени од норвешкиот уметник Едвард Мунк, во периодот помеѓу 1885 и 1926 година. Сите овие уметнички дела ја претставуваат смртта на неговата постара сестра Софи, која починала од туберкулоза на 15-годишна возраст. Мунк патолошки се навраќал на овој момент од својот живот во текот на 40 години. Во уметничките дела, Софи е претставена на нејзината смртна постела придружена од темнокоса жена за која се претпоставува дека е нејзината тетка. Во сите верзии, Софи седи на стол, најверојатно страда од болка, потпрена на голема перница, гледајќи кон завеса, која најверојатно ја симболизира смртта. Софи е прикажана со прогонуван израз, стискајќи ѝ ги рацете на постара жена, која е погодена од тага, и се чини дека се обидува да ја утеши младата Софи.
Но главата на постарата жена е наведната надолу, бидејќи не може да го поднесе погледот на девојчето. Мунк исто така имал кревко здравје, честопати бил болен и осамен како дете. Растел во сиромаштија, опколен од беда и општествени проблеми. Како изградена личност се одликувал со неспокојство и морбиден песимизам. Го плашела самотијата, живеел под постојано чувство на паника и страв од смртта и болестите. Неговото најпознато уметничко дело е „Врисок“.
Градиште – урнатина на тврдина или град
Градиште е стар термин што се однесува на тврдини или градови, најчесто од античкиот период, почнувајќи од неолитот. Градиштата особено биле многубројни во текот на бронзениот и железниот период, но биле градени и во текот на средниот век. Градиштето му претходело на градот, тоа било утврдување со постојана војска. Градиштето и околната населба најчесто биле лоцирани на повисоки стратегиски места, кои биле погодни за одбрана. Најпознато градиште во Македонија е Вардарски Рид, кој се наоѓал во средниот дел на долното Повардарие, во античката македонска област Амфакстида. Вардарски Рид се состои од два карпести рида, а на ова археолошко наоѓалиште се најдени голем број значајни артефакти од антиката, меѓу кои и монети од македонскиот крал Александар Први и пајонското племе Орески.
Црнобог – најтаинственото старословенско божество
Црнобог, познат и како Чернобог со значење црн бог, е еден од најтаинствените старословенски божества. Тој бил бог на долниот, односно на подземниот свет, и затоа се карактеризира како зол (црн). Единствен запишан извор за Црнобог се сретнува кај Хелмолд, кој опишува прослава на Старите Словените. Според овој извор, во текот на прославата сите присутни пиеле вино од еден пехар и изговарале магични, загадочни и таинствени зборови, молејќи му се на богот на доброто и на богот на злото. Негов пандан е Белобог – богот на светлоста.
Најголемата ледена плоча на Антарктикот
Росовата ледена плоча е најголемата плоча на Антарктикот со површина од околу 486.000 квадратни километри и широчина од 800 километри, речиси колку големината на европската држава Франција. Во минатото била наречена ледената бариера бидејќи ја попречувала пловидбата на југ. Нејзиниот речиси вертикален раб оди во отвореното море повеќе од 600 километри, над нивото на морето е помеѓу 16 и 31 метар, додека 90 отсто е под нивото на морето. Најголемиот дел од Росовата ледена плоча се наоѓа во територијата на Росовиот протекторат, кој е под администрација на Нов Зеланд. Оваа плоча е откриена во 1841 година од страна на капетанот Џејмс Кларк Рос, според кого е именувана.