Се проценува дека заедничкото богатство на Меган Маркл и на принцот Хари вреди повеќе од 45 милиони долари, без да бидат финансирани од кралското семејство, пишува „Експрес“.
Принцот Хари „тежи“ околу 40 милиони американски долари и богатството се заснова на средства од неговата мајка, принцезата Дијана.
По смртта на Дијана принцот Хари и принцот Вилијам имаа право на пристап до фонд откако ќе наполнат 30 години. Така во 2014 година, Хари наследил околу 10 милиони долари.
Хари добил и наследство од кралицата Елизабета. Хари и Вилијам требале да делат 17,9 милиони долари од кралицата Елизабета, која инвестирала во фонд за браќата.
Но, поголемиот дел од парите му припаднале на Хари бидејќи Вилијам ќе има финансиска корист со тоа што ќе стане крал.
Хари исто така заработувал како капетан во британската армија. Според „Форбс“, тој заработувал помеѓу 50.000 и 53.000 долари годишно. Хари бил хеликоптерски пилот на воениот воздушен корпус 10 години.
Вредноста на богатството на Меган е пет милиони долари. Таа делумно е заснована на нејзината главна улога во тв серијата „Костуми“, заработувајќи околу 50.000 долари по епизода. Годишно Меган добивала 450.000 американски долари за нејзината улога во драмата во САД. Меган добивала и околу 80.000 долари годишно од спонзорски договори.