И домашните мачки развиваат приврзаност
Доколку вашата мачка не престанува да грицка тоалетна хартија или да уринира на каучот, тоа би можело да биде последица на разделување од вас, покажуваат новите истражувања. Многу студии досега забележале проблеми при разделувањето на сопствениците и нивните кучиња, но слично истражување не е направено и кај мачките.
За да ги проценат проблемите што се јавуваат при раздвојувањето на мачките и сопствениците, истражувачите на 130 сопственици на возрасни мачки во Бразил им дале да пополнат анкета за однесувањето, интеракциите и животната околина на нивните мачки. Од 223 мачки, 13,5 проценти имале барем еден проблем со разделувањето, како што се деструктивно однесување или нарушени ментални состојби, предизвикувајќи ја вообичаената идеја дека мачките се среќни сами, пренесе „Си-ен-ен“.
– Некои веруваат дека домашните мачки не се во можност да развијат приврзаност кон своите сопственици, но оваа идеја не е потврдена во последните истражувања, кои покажуваат дека овие животни може да воспостават врски со своите сопственици – вели авторката на студијата Алин Кристина Сантана, професорка по зоологија на универзитетот „Јуиз де Фора“ во Бразил.