Музичарите секогаш се први да помогнат кога се случуваат разни катастрофи и несреќи. Така беше и сега. По разурнувачките земјотреси што ја погодија областа Бановина во Хрватска, каде што земјата сѐ уште се тресе, неодамна група музичари во студиото на „Кроација рекордс“ снимија песна за поддршка на сите луѓе од овој крај, кои се привремено иселени до своите домови.
Уредникот на хрватското католичко радио Славко Недиќ напиша музика на стиховите на Иво Чувало и така се роди песната „Бановина у срцу“.
– Идејата е да пееме за убави моменти, затоа што реалноста, за жал, е полоша од сѐ што можеме да очекуваме. Секој што поминал низ Бановина знае колку е убава и повторно ќе биде убава.Тоа е поентата на песната. Таа се роди од срце и навистина е инспиративна, бидејќи и ние во Загреб сè уште не сме закрепнале од земјотресот. Но ништо не може да ме потресе колку што имам сила во себе да ги споделам тие емоции, верба и надеж за подобро утре – вели Славко Недиќ.
Дражен Жериќ-Жера заедно со Марко Вукес, Златан Чехиќ-Чеха, Тони Јанковиќ, Младен Бурнаш и Владимир Кочиш-Зец одговори на поканата заедно да ја снимаат песната, а аранжманот на песната го заврши Драгомир Херендиќ-Драгиани.
– Поминуваме и добро и лошо заедно. Никој не е имун на трагедијата што се случи во Бановина и ние сме подготвени да помогнеме на кој било начин. Текстот е силен и емотивен и секогаш нагласувам дека емоцијата ми е најважна во песните и затоа решив да се вклучам во снимањето. Не смееме да изгубиме оптимизам и надеж – вели Дражен Жериќ-Жера, лидерот на „Црвена јабука“.