Брисел ја одложи ратификацијата на договорот за инвестирање со Кина, со што се приклучи кон санкциите од САД, Канада и од Обединетото Кралство
Европската комисија привремено ја прекина постапката за ратификација на договорот за вложувања меѓу ЕУ и Кина. Овој договор во последните четири месеци беше „замрзнат“ поради нарушените односи меѓу Брисел и Пекинг, а тоа се случува наспроти силниот притисок на Германија овој договор да добие зелено светло од ЕК. Тензиите со Кина се сѐ поизразени, а Европа се става на страната на американскиот претседател Џо Бајден, кој зазеде остар став кон најголемиот економски ривал на САД. Најголемо поместување на односите меѓу ЕУ и Кина се очекува пред крајот на годината, доколку германските Зелени влезат во Владата по изборите во септември, за што имаат и добри изгледи, пишува во анализата на „Блумберг“.
Информацијата за привременото одложување на договорот со Кина, во вторникот ја објави повереникот на ЕК за трговија Валдис Домбровскис во изјава за АФП.
– Ова го направивме за да потсетиме на фактот дека состојбата со европските санкции на Кина и кинеските противсанкции, вклучувајќи ги и оние против членовите на Европскиот парламент, не помагаат за ратификацијата на договорот – изјавија од прес-службата на Домбровскис.
Јоерг Вутке, претседателот на Европската стопанска комора во Пекинг, изјави дека дојде до промена на расположението во односите на двете страни, а тоа се поклопува со кинеското однесување кон Тајван, обидот на притисок врз Хонгконг и состојбата со кршење на човековите права во Синкјанг, а над сѐ, поради тоа што Кина не го спроведе на дело ветувањето за економско отворање.
Но Европската Унија не е во иста позиција како што Америка гледа на Кина, посочуваат од „Блумберг“. Отежнувачка околност е тоа што сите земји од ЕУ не се согласуваат со тврдиот став кон Пекинг, а една од нив е Унгарија. Кина минатата година ги престигна САД и стана најголем европски трговски партнер. Но сега Холандија, која е меѓу десетте најголеми кинески трговски партнери, станува сѐ позагрижена и се свртува кон заштита на своите високотехнолошки компании од кинеско преземање. Кинеската страна смета дека заладувањето на односите со Европа е последица на притисокот од САД на Европа, која е принудена да одбере страна.
Неочекуван пресврт се случи пред неколку месеци кога германската канцеларка Ангела Меркел директно работеше на договорот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која договорот го нарече „значајно достигнување во нашите врски со Кина“. Со договорот се подобрува пристапот на кинескиот пазар за европските инвеститори, а од Кина се бара да се подобрат условите за тамошните работници.
Во февруари ЕУ се приклучи кон САД, Канада и Обединетото Кралство, кои ѝ наметнаа санкции на Кина поради положбата на ујгурското малцинство. Кина возврати, но кинеската јавност се сврти кон големите западни компании, кои се бојкотирани во Кина. Оттогаш добрите релации се во надолна линија, а успехот на Зелените и промената на насоката во Германија можат да бидат пресуден момент за идните односи со Пекинг. Кина апелира да не се мешаат надворешните политики со внатрешните работи со трговијата и економските интереси и порачува до ЕУ да води сопствена политика, а не да се приклонува на интересите на САД. Најновиот потег на Европската комисија е дополнителен удар за Кина, која засега ги губи европскиот пазар и сојузништвото со Европа, пренесува „Јутарњи лист“.
ЕУ годинава воведе санкции против четворица официјални лица од Кина, со замрзнување на нивните имоти и забрана за патување во Унијата, со што се придружи кон санкциите на САД, Канада и на Велика Британија кон Кина. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека „здружениот трансатлантски одговор им испраќа силен сигнал на оние што ги злоупотребуваат меѓународните човекови права“, а најави и нови акции во координација со партнерите.
– Ќе продолжиме да стоиме покрај нашите сојузници низ светот во повикот веднаш да престанат злоделата во Народна Република Кина и да се донесе правда за многубројните жртви – изјави Блинкен.
Заладувањето на политичките односи меѓу големите сили во светот треба да се гледа и низ призмата на глобалните економски интереси, сметаат политичките аналитичари. Најновата информација е дека американскиот трговски дефицит достигна месечен рекорд од 74,4 милијарди долари во март, поради зголемената економска активност што ја поттикна набавката на странски стоки. Дефицитот во март е за 5,6 отсто повисок од оној во февруари, кој достигна 70,5 милијарди долари, соопшти Одделот за трговија. Како и вообичаено, најголем е дефицитот со Кина, кој изнесувал 27,7 милијарди долари и бил зголемен за 11,6 отсто. Поранешниот претседател Доналд Трамп се обиде да го намали трговскиот дефицит преку увозни такси. Американскиот трговски дефицит благо се намали во 2019-та, но нагло порасна во 2020-та кога пандемијата го наруши извозот.
Британскиот носач на авиони „ХМС Кралица Елизабета“ ќе ја предводи напаѓачката група 21, која е флотила на кралски морнарички бродови, на своето прво патување во Источна Азија, кое ќе трае 28 недели. Носачот располага со осум авиони РАФ и 10 американски млазни стелт-авиони „ф-35Б“, шест брода на Кралската морнарица, една подморница, 14 поморски хеликоптери и чета на кралските маринци. Нему ќе му се приклучат еден американски уништувач и холандска фрегата во посетата на Индија, Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур. Ваквото распоредување од висок профил, чија цел е да се јакнат безбедносните врски во Источна Азија, се случува среде тензиите во регионот, додека расте загриженоста во Јапонија за заканата што би ја претставувала Кина по соседен Тајван, пренесува „Ројтерс“.