Откако беа воведени од страна на Фејсбук, овие најпознати симболи на денешницата, емотиконите, или емоџи, станаа сеприсутен дел од секојдневната комуникација кај младите, но и кај постарата популација. Денес постојат над 3.000 емотикони. Меѓутоа, емотиконите како овие не се единствените виртуелни показатели на нашето расположение – во меѓувреме, компаниите како „Епл“ и „Самсунг“ овозможија создавање сопствен аватар емотикон, за другите корисници да можат подобро да ги доловат вашите изрази на лицето. Емотиконите привлекоа многу корисници на паметни телефони низ целиот свет поради нивната едноставност. На пример, ако пораката што ја гледате од вашиот пријател е смешна за вас, полесно е да испратите емотикон како плаче од смеа отколку да напишете порака за тоа дека ве натерала да се смеете и ви го разубавела денот, пренесува „Вокс“.
– Постои цела генерација на деца што учат да комуницираат преку емотикони, наместо да учат да читаат и да пишуваат – вели Џенифер Ли, активист за емотикони.
Емотиконите се исклучително корисни во деловниот свет – за директорите на компаниите е многу важно кои емотикони ќе ги користат корисниците при процена на квалитетот на некој нивен производ или услуга. Токму во деловната област тие станаа толку важни што некои компании се бореа да го направат својот производ препознатлив меѓу многуте симболи на тастатурата.
Еден од најдобрите примери за тоа е компанијата „Форд“, која успеа да има емотикон сличен на моделот на нејзините камиони, иако на него нема да го има испишано зборот „Форд“. Тука е и компанијата „Тако бел“, која се избори за емотикон од нејзиниот најважен производ.