Со новата зимска колеција „REM“ на дизајнерката Ирина Тошева, во која таа ги истражува ликовното творештво и надреализмот како појдовна инспирација, во петокот вечерта на 1 ноември, започна 20-то издание на Моден викенд Скопје.
Првиот ноемврски викенд во Скоје е во знакот на модата за сезоната есен-зима, благодарение на традиционалната модна манифестација, што овојпат се одржува во Музејот на град Скопје. Колекцијата што ја претстави Ирина Тошева на отворањето, идејно се потпира на секвенци од соништата и потсвесните мисли, што според дизјанерката, резултира со најчиста форма на мода, како „противотров“ на светот околу нас. Креациите се изработени со еколошки материјали од банана и пченка, кои се алтернатива на памукот. Доследна во својот оригинален пристап за презентација на парчињата, таа одлучи модел(к)ите што ја носеа ревијата да наликуваат на дрег- кралици, а идејата ја спроведе во соработка со шминкерот Небојша Пешевски, Schuster, La Dama и D’eyeko. Ревијата е дел од поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2019-та година од Министерството за култура.
Втора на првата вечер на Моден викенд Скопје се претстави Кренаре Ругова, гостинката од Косово, чијашто модна визија за есен-зима ‘19/’20 е нослива гардероба од природен текстил и со унифицирани геометриски форми, кои придонесуваат за отмена и рафинирана силуета на сите модерни жени. Дава чувство на сила и комфор, независно од животното темпо. Истовремено, ги одразува потребите на личноста во актуелното социјално окружување.
Под сјајот на рефлекторите и блицoт на фоторепортеите, блесна и колекцијата на SIGMA Jewelry, брендот за луксузен накит и префинети модни додатоци. Честа да ја отвори гламурозната ревија ѝ припадна на македонската музичка ѕвезда Викторија Лоба, која е нивно заштитно лице и повеќегодишна соработничка. Презентираниот накит навистина ги импресионираа присутните, како и најновите модели од богатата палета на аксесоари.
Финалето на првата вечер го одбележа модниот филм и перформансот „+7 HOURS“, во реализација на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22 од Софија, под водство на кураторот Нели Митева. Во прашање е проект што има за цел да ги вкрсти бугарската и јапонската култура низ јазикот на визуелното.
Финалниот резултат се екстравагантни креации, заеднички создадени од девет модни дизајнери од Бугарија, како и четири студенти по моден дизајн од Јапонија. Седум часа всушност е времето кое ги „дели“ како разлика овие две земји. Главната улога во истоимениот филм што го придружува перформансот ја толкува актерката Ирмена Чичикова. Го истражува феноменот за современиот урбан живот, пресликан во футуристички варијанти на традиционалните кимона и носии.
Освен модата и дизајнот, посетителите во Музејот на град Скопје, подеднакво уживаа и во музичката програма. Пред и после секоја одржана ревија, можеше да се слушнат изведбите на Јон Бела и бендот „Moonage“. Петочната забава по нивното завршување продолжи со звуците на познатиот диџеј Флодер.
Ј.П.