Пасторот од основното училиште „Св. Едвард“, во Нешвил, изјави дека „практичната магија“ во книгите на Џ.К. Роулинг носи ризик од привлекување лоши духови

Приватно католичко училиште во Нешвил ги отстрани книгите за Хари Потер од својата библиотека, со образложение дека содржат „вистински клетви и магии, кои, читани од луѓе, може да ги разбудат нечистите сили и духови“. Локалниот весник објави дека пасторот од католичкото училиште „Св. Едвард“, кој подучува деца од предучилишна возраст до осмо одделение, им праќал електронски пораки на родителите, пишувајќи дека контактирал со неколку егзорцисти (истерувачи на духови), кои го советувале да се отстранат книгите на Џ.К. Роулинг од училишната библиотека.

– Во овие книги магијата е претставена како добра и како лоша, но тоа не е вистина, туку вешта измама. Клетвите и магиите што се напишани во книгите се всушност постојни клетви и магии; затоа, постои голем ризик од привлекување нечисти духови од страна на лицето што го чита текстот – напиша пасторот Ден Рихил.
Најпродаваните книги на британската писателка, објавени во периодот помеѓу 1997 и 2007 година, ги содржат на своите страници убиствената клетва „авада кедавра“, клетвата за измачување „кручио“, но и магијата „империо“, која на волшебниците им овозможува да го контролираат однесувањето на другите луѓе.

Ребека Хемел, управничка на католичките училишта во епархијата Нешвил, за локалниот весник изјави дека пасторот Рихил почнал да испраќа мејлови по барање на еден од родителите. Таа додаде и дека „тој има право да постапува според своите надлежности, бидејќи секој пастор поседува канонско овластување да носи вакви одлуки во име на своето епархиско училиште.“ Според локалните медиуми, книгите биле на полиците до крајот на последното полугодие, но ова училиште штотуку отвори сосема нова библиотека, од која се комплетно исфрлени „трагите“ од Хари Потер.

– Знам дека во овој процес одговорните селектираа и исчистија дел од содржините, надевајќи се дека така ќе се постигне поголема среденост и подобрена циркулација на читатели – рече Хемел, додавајќи дека „ако родителите ги сметаат книгите за соодветни, тогаш останува да се надеваме дека правилно ќе ги насочуваат своите синови и ќерки, со намера децата да ја разберат напишаната содржина преку очите на нашата вера“.

Управничката нагласи дека со селекцијата на литература тие не прават никаква цензура, но секако сакаат да бидат сигурни дека „книгите во нашите библиотеки се соодветни за нашите ученици и дека се во согласност со нивната возраст“.
Книгите за младиот волшебник поттикнаа христијанска цензура уште во 1997 г., веднаш по објавувањето на првата од серијалот, наречена „Хари Потер и каменот на мудроста“. Во 1999 г., таа беше најкритикуваната книга во САД, а следните продолженија речиси цела деценија беа на врвот од листата на најоспорувани изданија на Американското библиотекарско здружение, пишува весникот „Гардијан“.
Критизерите тврдеа дека книгите „ги величат магијата и окултното, збунувајќи ги децата и наведувајќи ги да ги имитираат клетвите што ги прочитале“. Во 2001 г., пасторот на црквата „Христова заедница“ во Аламогордо (Ново Мексико) организираше и надгледуваше палење на книгите за Потер, по што локалните библиотекари реагираа со специјален натпис, известувајќи ги читателите дека „Хари е жив и здрав во нивната библиотека“.

Во времето додека сѐ уште беше кардинал (2003), тогашниот иден папа Бенедикт Шеснаесетти, ги опиша книгите на Роулинг како суптилно заведување, кое поминува незабележано и длабоко го искривува исконското христијанство пред тоа да може правилно да расте и да се развива.
В.Б.Н.