Дваесет и второто издание на меѓународниот фестивал на забавна музика „Еврофест“ годинава има нова димензија – чествување за незаборав на Тошe Проески. Првата фестивалска вечер се одржа синоќа во Крушево, а вечерва „Еврофест“ се сели во Домот на АРМ во Скопје каде што на вечерта насловена „Хит мелодии“ ќе настапат голем број домашни и странски пејачи.
Големиот концерт во чест на Проески, кој требаше да се одржи на 13 октомври во СРЦ „Борис Трајковски“, поради технички причини е презакажан за 2 ноември, информира меѓународната фондација „Тодор Проески“. Овој настан е поддржан и од Министерството за култура, кое за неговото организирање издвои 5.000.000 денари.
– Поради новиот термин, повторно ќе се преговара со балканските ѕвезди што ќе дојдат и ќе настапат со хитови на Тоше. Доколку терминот им одговара, би требало на концертот да гостуваат Аки Рахимовски, Борис Новковиќ, Ања Рупел, Јелена Томашевиќ… – велат од фондацијата.
На концертот ќе биде промовиран и албумот „Secret place“ со нови, досега необјавени песни од Тоше Проески.
– Материјалот се работеше во студиото на познатиот англиски продуцент Енди Рајт, автор на хитовите од претходниот англиски албум на Тоше „The Hardest Thing“ – додаваат од фондацијата.
Организаторите наскоро ќе објават и детали за продажбата на влезниците за кои, како што велат, цената ќе биде прифатлива поради тоа што настанот има хуманитарен карактер. На 16 октомври ќе се навршат 11 години откако Тоше трагично загина во Хрватска, во местото Нова Градишка.