Во денешно време дојде до обновување на интересот за Месечината. Со новата генерација напредна технологија – машинско учење, софистицирани сензори и роботика, може да се каже дека луѓето се подготвени да започнат со колонизирање на површината на Месечината. Индија, Кина и Израел веќе испратија беспилотни летала таму, додека САД го промовираа својот проект „Месечинска порта“
Кога пред половина век Нил Армстронг и Баз Олдрин ги презедоа првите претпазливи чекори на површина на Месечината, местото на човештвото во вселената засекогаш се промени. Ние веќе не бевме само далечни набљудувачи, кои од далеку ѝ се восхитуваат на величественоста на универзумот, туку станавме актери во неговото истражување. Фактот дека таквиот потфат е постигнат со опрема што денес за нас изгледа зачудувачки примитивна, го прави американското спуштање на Месечината уште поимпресивно. Навигаторскиот компјутер на „Аполо 11“ имал значително помала моќност од денешниот паметен телефон, а лунарниот модул „Игл“, кој на 21 јули 1969 година им овозможил на астронаутите да слетаат на површината на Месечината, претходно не бил ни тестиран на Месечината. Армстронг сметал дека шансите за успешно слетување биле 50-50, а нивниот триумф беше чудо.
Одлуката донесена во раните 1970-ти години да ѝ се стави крај на програмата што ги однесе Армстронг, Олдрин и 10 други американски астронаути на Месечината, разочара многумина во тоа време. Сепак, летовите од програмата „Аполо“ не беа мотивирани во духот на научни истражувања, туку од желбата на САД да ја надминат Русија и да ја освојат „вселенската трка“. Откако САД ја докажаа својата технолошка супериорност, оваа програма, која изнесуваше дури 4 отсто од американскиот федерален буџет, го изгуби своето значење.
Сепак, би било грешка да се отпише Месечината како дестинација за човечки активности во иднина. Всушност, многу вселенски инженери денес сметаат дека времето за враќање е зрело. Тие укажуваат на паралели помеѓу истражувањето на Месечината и освојувањето и последователно искористување на многу делови од Земјата. Плановите за освојување на Антарктикот денес изгледаат изненадувачки слични на претстојните мисии на Месечината што ги планираат вселенските агенции. На почетокот на 20 век, се водеше натпревар околу тоа кој прв ќе го освои Јужниот Пол. Потоа, никој не се врати таму во следните 50 години, додека во 1950-тите години со помош на технолошките иновации – моторизирани возила, воздушниот транспорт и радиото, се овозможи да се изгради база на Антарктикот. Ваквите центри донесоа големи придобивки. Дупката во озонскиот слој беше откриена од страна на поларните научници, кои сè уште играат клучна улога во откривањето на влијанието на климатските промени.
Во денешно време дојде до обновување на интересот за Месечината. Со новата генерација напредна технологија – машинско учење, софистицирани сензори и роботика, може да се каже дека луѓето се подготвени да започнат со колонизирање на површината на Месечината. Индија, Кина и Израел веќе испратија беспилотни летала таму, додека САД го промовираа својот проект „Месечинска порта“. Проектот вклучува изградба на вселенска станица што ќе орбитира околу Месечината, од која астронаутите ќе насочуваат роботи и автоматски летала да поставуваат телескопи, да собираат минерали, да бараат мраз и вода и да проучуваат лунарни карпи, кои би можеле да се користат како материјал за изградба на лунарна колонија.
Крајната цел е астронаутите да се спуштат на Месечината, за да работат на оваа база претходно изградена од роботи. Нивните активности првенствено би биле насочени кон проучување на потеклото на Сончевиот Систем и користење радиотелескопи за тестирање на вселената, без препреки на таквите истражувања, кои се спроведуваат од Земјата. Исто така, идните мисии на Марс би можеле да се планираат од оваа база. Она што е клучно е што НАСА објави дека би сакала во ваквиот потфат да се вклучат Европа, Јапонија, Канада и другите. Оваа соработка би можела да започне на почетокот на следната деценија. Ова претставува охрабрувачка вест, бидејќи тоа ќе значи обновување на истражувањата во вселената, започнати уште пред половина век од Армстронг и Олдрин, како и од другите астронаути од програмата „Аполо“. Тие оставија прекрасно наследство што заслужува понатаму да се развива со искрена посветеност.