Доколку не знаете каде да инвестирате, потребно е само да го следите извршниот директор на „Спејс екс“ и „Тесла“, Илон Маск, на Твитер и тој ќе ви каже што да правите преку неговите „пораки“ во објавите, пренесува „Си-ен-ен“.
Маск досега ја зголеми вредноста на акциите и криптовалутите „поигрувајќи“ се на Твитер. Доволно е тој во објава да спомене име некој бренд или компанија, за повеќето од неговите 47 милиони следбеници веднаш да им дадат поддршка или да инвестираат во нив. Ова исто така го покрена прашањето дали Маск секогаш е во право и дали слепото следење може да им донесе големи загуби на неговите обожаватели.
Акциите на „ГејмСтоп“ пораснаа на 27 јануари, еден ден откако Маск објави линк до инвестицискиот форум „Волстритбетс“ на социјалната мрежа Редит. Друг случај беше поддршката за полската компанија за видео игри, „Си-ди Проџект Ред“, откако Маск сподели неколку објави за нивната некомплетна игра „Сајберпанк 2077“.
Фирмата „Шопифај“ доби поддршка откако Маск рече дека „Спејс екс“ ја користи. „Етси“ исто така бележи раст поради твит на Маск, во кој тој ја пофали страницата бидејќи од неа купил нешто за неговото куче. Вредноста на криптовалутата доужкоин порасна по позитивните твитови од страна на Маск. Кога сме кај криптовалутите, вредноста на биткоинот порасна откако Маск само го додаде зборот во полето за биографија на неговиот твитер-профил. Иако зборот сега е отстранет од профилот, цената на биткоинот уште расте.
– Позитивно е што Маск и „Тесла“ се вклучија во криптовалутите и ова е тема за која многу се дискутира. Поради нив се зголеми интересот и за другите криптовалути – рече Мет Блом, глобален шеф на продажба за „Дигинекс“, кој работи со размена на криптовалути.
Било да е сериозен или да се шегува преку неговиот профил на Твитер, сепак, одредени објави на Маск досега беа погрешно протолкувани. Инвеститорите треба да внимаваат од можниот ризик доколку претпостават дека секоја објава на Маск е препорака за инвестирање.
Минатиот месец, инвеститорите погрешно го протолкуваа твитот на Маск за да „користат Сигнал“, како причина за купување акции на „Сигнал адвенс“, мала технолошка компанија што произведува медицински уреди. Акциите на компанијата паднаа откако конфузијата беше расчистена.
Акциите на канадската компанија „Сендсторм Голд Ројалтис“, која обезбедува финансирање на рударски компании во замена за авторски права, исто така за кратко период пораснаа над 50 отсто на 4 февруари, откако Маск објави на Твитер дека „Сендсторм“ е ремек-дело. Иако тој не даде никакво дополнително објаснување, многумина шпекулираа дека тој мислел на техно-песната од 1999 година, „Sandstorm“ од диџејот Даруд. Акциите потоа исто така паднаа.
Затоа инвеститорите не треба да ги користат објавите на Маск како совети за инвестирање. Самиот Маск можеби ќе треба да биде повнимателен што објавува на Твитер, бидејќи тој имаше судир и со Комисијата за хартии од вредност во 2018 година, откако го сподели неговиот тогашен план „Тесла“ да стане приватна компанија.