Годинешниот избор на списанието „Ролинг стоун“ несомнено беше под влијание на движењата „И јас исто така“ и „Црните животи се важни“
Меѓу најпознатите и најдискутирани листи на најдобрите албуми во светот е онаа на списанието „Ролинг стоун“. Оваа листа на 500 најдобри албуми на сите времиња првпат беше објавена од американскиот музички магазин во 2003 година, а потоа малку се ревидира во 2012 година. Неодамна „Ролинг стоун“ објави сосема нова листа, на која, иако се заснова на слични принципи, има доста големи и важни промени.
Ако списокот со „500 најдобри албуми“ избран од англискиот магазин НМЕ од 2013 година беше „премногу навивачки“ во однос на инди-изданијата, „Ролинг стоун“ беше „скаменет“, како да не се случило ништо ново во рок-музиката од „Д клеш“ до „Лондон колинг“. Излегува дека сè започнало, но и запрело со „Битлси“, „Ролинг стоун“, Дилан, „Цепелин“…
Со годинешниот избор, дури и површен поглед покажува дека листата на „Ролинг стоун“ се обидува да ја исправи таквата слика, па поради текот на времето беа вклучени уште многу албуми од 21 век, а бројот на албуми од 1960-тите и 1970-тите беше намален. Сега „само“ 231 беа сместени во крајните 500. Покрај оваа очекувана промена, според изборниот панел на „Ролинг стоун“, листата вклучува и поголем број хипхоп и помодерни аренби-изданија, па, така, со по три албуми се најдоа Бијонсе, АутКаст, Кендрик Ламар, Џеј Зи, Џенет Џексон, со по четири албуми Стиви Вондер, Принц, Арета Френклин и дури со шест Канје Вест.
Или, како што сумира новинарот Алекс Јанг од интернет-страницата „Консеквенс оф саунд“, на листата „500 најдобри албуми“ на списанието „Ролинг стоун“ повеќе „не доминираат бели момци што свират рок“, и покрај фактот што по бројот на наслови најзастапени се „Битлси“, Боб Дилан, „Ролинг стоун“, Дејвид Боуви, „Лед Цепелин“, Спрингстин, а со нив и споменатиот Канје.
Оваа промена на курсот е најочигледна на самиот врв на листата, па затоа додека во 2003 година единствениот афроамерикански уметник во топ 10 беше Марвин Геј, со албумот „What’s Going On“ на шестата позиција, сега истиот албум е позициониран на првата позиција, а во топ 10 влегоа и афроамериканските изведувачи Стиви Вондер, Принц и Лорин Хил. Во следните десет, односно во топ 20, се пласираа и Мајкл Џексон, Арета Френклин, „Паблик енеми“, Канје Вест и Кендрик Ламар, додека во 2003 година, покрај Мајкл Џексон, тоа им успеа на Мајлс Дејвис и Џими Хендрикс. Можеби до ова дошло поради моментот кога се составувала листата, односно поради влијанието од движењето „Црните животи се важни“.
Постои една важна промена и во составот на гласачите, кој во 2020 година, логично, се разликува од составот на гласачите од 2003 година.
Сега на листата се наоѓаат и Бијонсе, Тејлор Свифт, Британи Хауард од „Алабама Шејкс“, Келис, Х.Е.Р., Шутер Џенингс, Квистлав од „Д Рутс“, Раjквон од „Ву-Танг Клан“, Били Ејлиш, која е родена во 2001 година, и голем број други. Такви измени се направени и на списокот на критичари и актери во музичката индустрија. Со тоа се менува и вкусот, односно доминантната линија на листата, и доколку „Ролинг стоун“ само за шест месеци повтори еден таков избор, но со променет список на гласачи, списокот повторно би изгледал поинаку.
„Ролинг стоун“ одамна не е списание што турка „нови работи“, може да се каже дека во последните дваесет години не се смета за музичко, туку за забавно списание. Критичарите оправдано негодуваа дека списокот на „Ролинг стоун“ е премногу „тестостеронски“, „бел“, „застарен“, „мачо“, „винтиџ-рок“ и „демоде“.