„Квинс гамбит“ е насловена новата серија на Нетфликс, која секако треба да се погледне. За нецел месец од поставувањето на платформите ја виделе над 70 милиони гледачи. На прв поглед изгледа невозможно шах и возбуда заедно, меѓутоа оваа серија е толку возбудлива што нејзините седум епизоди се гледаат во еден здив. За тоа сведочи и високата оценка на ИМДБ, од 8,8, а во фалењето на публиката ѝ се приклучија и филмските телевизиски критичари. На Ротен Томатос, каде што се агрегираат критиките, оваа мини-серија е една од ретките што добија оцена 100 проценти.
Драмскиот заплет се врти околу девојче што останува сираче и оди во дом, каде што случајно ја открива љубовта кон шахот, а потоа и дека е невиден талент за оваа древна игра. Многу време од серијата се однесува на шаховската игра, актуелни шаховски игри и анализа на славни партии. И, верувале или не, по гледањето на серијата, шахот повторно е во мода, се отвораат школи, децата се заинтересирани да навлезат во оваа вештина.
Главната хероина Бет Хармон е измислен лик, но е поставена во реални историски околности, особено од шаховска приода, така што изгледа како да гледате биографија на вистинска велемајсторка.
Наведуваме десет интересни факти за серијата во која глумицата Ања Тејлор-Џој брилира како шаховско чудо од дете.
1. Серијата се базира на роман
Автор е американскиот писател Волтер Тревис, кој своето дело „Квинс гамбит“ го објавил во 1983 година. За жал, не ја доживеал успешната екранизација на својата книга, починал од рак на белите дробови на 56 години.
2. Режисерот бил номинира за „оскар“
Скот Франк, како режисер, може да се пофали со две номинации за „оскар“. Во оваа серија тој е и автор на серијата и извршен продуцент.
3. Ања Тејлор-Џој ја прифатила улогата без да го види сценариото
Главната глумица во серијата, која ја глуми Бет Хармон, шаховското чудо од дете, е 24-годишната Ања Тејлор-Џој, која пред да го прочита сценариото ја прифатила улогата во проектот на Скот Франк. И тоа ѝ се исплатело, бидејќи серијата постигна светски успех. Освен тоа, претходно таа немала поим за шахот.
4. Серијата требало да биде филм
Неколку години пред да се продуцира „Квинс гамбит“, книгата на Волтер Тревис веќе еднаш била тема на разговор во Холивуд. Имено, Хит Леџер сакал да сними филм според романот. Глумецот сакал да биде режисер, па дури се поврзал и со сценаристот Алан Шиач. Меѓутоа, пред да ја реализира таа своја желба, Леџер почина во 2008 година.
5. Главно место на снимање бил Берлин
Поголемиот дел од дејството во серијата се случува во САД, каде што Бет Хармон растела со својата маќеа во Кентаки. Меѓутоа, поради шаховските турнири, ова чудо од дете патувало низ Америка, но и во Мексико Сити, Париз, Москва… Сепак, повеќето сцени се снимени во Берлин и во Канада. Така, сиропиталиштето во кое живеела Бет всушност е дворецот Шулзендорф, во близината на Берлин. Хотелот „Марипоса“ во Лас Вегас е „Палаис“ во Берлин, а турнирот во Москва не е снимен во Русија, туку во старото собрание на германскиот главен град.
6. Влијанието на 1960-тите
Бидејќи серијата се случува во овој период на минатиот век, и облеката и фризурите требало да одговараат на тоа време. Изгледот и стилот на Бет биле инспирирани од филмот „Чудо во 34-та улица“ од 1960-тите. Инаку, речиси сите жени во серијата носеле перики.
7. Шаховската табла го инспирирала и стилот
И кај стилот ништо не му било препуштено на случајот. Имено, речиси сѐ што носела Бет било инспирирано од шаховската табла. Понекогаш тоа била боја или одредени линии и квадрати. Продуцентите така сакале да нагласат дека шахот е најважен дел од нејзиниот живот.
8. Враќањето на ѕвездата од „Хари Потер“
Ако некому му се причини дека Хари Белтик, шахист, а подоцна и љубовник на Бет, го потсетува на некого, во право е. Иако доста се променил, глумецот Хари Мелинг во серијалот за „Хари Потер“ го глумеше неговиот брат Дидли Дирсли. Тој во филмот имаше сѐ, а Хари Потер мораше да живее под скалите.
9. Вклучено е и семејството Мокриџ
Оние што слушнале за Лук Мокриџ, сигурно знаат дека комичарот има пет деца, некои се исто така дел од шоу-бизнисот. На пример, Џереми Мокриџ (27) бил ѕвезда како дете кога во германскиот филм „Вајлд чикс“ го глумел Фред. Сега е меѓународно познат, а во „Квинс гамбит“ игра мала улога, бидејќи Бет многу брзо го поразува на шаховската табла.
10. Сите партии шах се вистински
Некои глумци во серијата едвај или воопшто немале допир со шахот. Поради тоа морале пред почетокот на снимањето да научат некои важни потези. Имено, сите партии се снимени со рацете на глумците, а не со дублери. Тоа се однесува и на брзите потези, а ги смислиле рускиот светски првак Гари Каспаров и американскиот шаховски тренер Брус Пандолфини. Иако партиите не се покажани во целост (бидејќи некои траеле и по неколку часа), завршниот меч меѓу Бет и фиктивниот руски светски првак Василиј Боргов е единствената што била прикажана речиси во целост.