Природната одбрана на телото и јакнењето на имунитетот се клучни за целото здравје, а здравите навики во исхраната го подобруваат квалитетот на животот со што полесно се справуваме со разни патогени микроорганизми од околината на која сме изложени. Исхраната во служба на здравјето вклучува избор на храна богата со заштитни хранливи материи, кои ги има во сезонската, свежа храна; разновидни овошја, зеленчук, семиња, мешунки, ореви и друга храна богата со антиоксиданти, фитохемикалии, витамини и минерали. Заштитните компоненти од храната помагаат во правилно функционирање на имунолошкиот систем, кој брзо ги препознава и реагира на штетните ефекти на разните антигени. Со примена на здрави навики ќе го зајакнеме имунитетот и ќе се заштитиме од вируси.
1. Бидете умерени во исхраната
Одржувајте соодветна телесна тежина. Внесувајте повеќе енергија и калории што одговараат на вашиот реален трошок на енергија, што ќе резултира со здрава телесна тежина и ќе помогне во одржување на рамнотежата. Обрнете особено внимание при изборот на храна и односот на макронутриентите од кои не само што ќе ја добиете потребната енергија туку и ќе го градите и ќе го обновувате целиот организам, а со тоа и имунолошкиот систем.
2. Изберете квалитетен извор на протеини
Диетата нека опфати умрена доза растителни и животински протеини во однос на составот на телото. Протеините се носачи до крвните клетки и создаваат антитела што го штитат телото од разни инфекции. Некои од аминокиселините што го чуваат имунитетот се хистидин, треонин, лизин, Л-глутамин. Ги има во сурутката, јајцата, месото со малку маснотии, во најразлични мешунки, кои се добар избор за одржување силен имунолошки систем.
3. Обрнете внимание при внесот на витамин Ц
Не заборавајте да консумирате доволно храна, која е богата со витамин Ц. Витаминот Ц ќе нѐ заштити од стрес и ќе го зајакне имуниот систем, а пролетта и летото се полни со овошје и зеленчук што го содржат овој исклучително силен антиоксиданс. Јагоди, рибизли, цреши, вишни, боровинки, малини, капини, калинки, лимони, пиперки, млад спанаќ, домати, анасон… се само некои од овошките што дефинитивно треба да бидат на менито за здрава храна.
4. Добијте доволно витамин Д
Секогаш кога можете бидете на свеж воздух и сонце, притоа почитувајќи ги мерките за физичка оддалеченост. Витаминот Д, чие производство ќе биде поголемо кога сме изложени на сончева светлина, е исклучително важен во регулирањето на имунолошкиот одговор на организмот. Влијае на регулирање на хормоните и има антиканцер ефекти. За вашата диета треба да консумирате повеќе риба; добри извори се туна, лосос, харинга и сардини, како и млечни производи со помалку маснотии, печурки и јајца.
5. Не заборавајте на пробиотичните култури
Пробиотичните препарати со пробиотични култури го штитат и го чуваат гастроинтестиналниот систем и играат значајна улога во зајакнувањето на имунолошкиот систем. Здравата микрофлора на дигестивниот систем е бариера за влез на голем број патогени во нашиот крвоток. Во исхраната вклучете и ферментирани млечни производи збогатени со пробиотични култури, како јогурт, кефир, ацидофилус.
6. Направете детоксикација
Повремено, направете детоксикација на телото. Чувајте ги црниот дроб, бубрезите и дигестивниот систем здрави. Здравјето на тенкото црево е многу важно за намалување на бројот на патогени, кои можат да имаат негативен ефект врз здравјето. Лековитите билки – лисја од коприва, глуварче, коњско опавче, ехинацеа, артичок, лук, ѓумбир, алое вера и куркума се добредојдени природни средства за чистење на нашето тело.
7. Пијте повеќе течности
Хидратацијата на организмот е исклучително важна за целиот организам и за сите биохемиски процеси во организмот, па затоа е важна и во одржувањето на здравјето на имунолошкиот систем. Благите чаеви со додавање сок од лимон, ѓумбир и домашен мед, прополис и матичен млеч, можат да помогнат во борбата против настинки и можни вирусни инфекции.
8. Вежбајте, но умерено
Умерената физичка активност го зајакнува имунитетот. Луѓето што се физички активни имаат помала стапка на зачестеност од разни болести, а вежбањето има корисен ефект врз голем број системи; кардиоваскуларниот систем, хормоналниот систем, дигестивниот систем и целосниот метаболизам. Умерената физичка активност како пешачењето го зголемува протокот на крвта низ сите ткива и го заштитува организмот од можни инфекции.
9. Кажете не за шеќерите
Избегнувајте консумирање рафинирана храна што е богата со разни адитиви, кои директно ги ослабуваат имунитетот и способноста на телото. Ограничете го внесот на шеќери, заситени масти, трансмасни киселини и хидрогенизирани растителни масла, како и прекумерно внесување алкохол, кофеин пијалаци, газирани пијалаци и сол. Откажете се од пушење.
10. Внимавајте на сонот
Целокупното здравје зависи и од обновувањето на организмот, што можеме да го обезбедиме со доволно сон и одмор. Храна богата со магнезиум, триптофан, витамин Д и Б-витамини, има корисен ефект врз сонот, затоа во диетата се применуваат ореви, банани, риба, зелен лиснат зеленчук и цреши.