Боите, покрај тоа што го разубавуваат светот, имаат и свое симболично значење, кое се толкува на различни начини. Така, за народите во Европа, црната е боја на жалост, додека источните народи тажат во бела. Боите имаат моќ да нè потсетуваат, да нè развеселат, да нè исплашат или да не прават тажни. Еве неколку општи информации за палетата од десет бои, пренесува порталот „10 нај“.
Виолетова
Изведена боја од комбинација на мирни сини тонови и страствена црвена боја. Се смета за „кралска“ боја која симболизира благородност, амбиција и изобилство. Доколку се претстави во потемни тонови, психолозите тврдат дека тоа предизвикува фрустрација и тага. Интересни податоци се дека Рихард Вагнер компонирал исклучиво во просторија со виолетови ѕидови, и дека за помалку од 100 грама виолетова, робовите на египетската кралица Клеопатра потопувале дури 20.000 виолетови полжави во водата, што по десет дена ја ослободуваат оваа боја. Исто така, не потсетува на магија.
Зелена
Боја која потсетува на природата, здравјето и смиреноста. Се добива со мешање на сончево жолто и основна сина. Зелената боја има голема лековита моќ, а маслиновата нијанса е симбол на мирот. Во сообраќајот таа симболизира безбедност.
Црна
Ова не е боја (недостаток на светлина или боја, иако му припаѓа на спектарот), што предизвикува различни емоции затоа што тоа го поврзуваме со елеганција и тага, формалност и моќ. За луѓето кои сакаат црно се вели дека донесуваат одлуки не со своето срце, туку со главата. Црното во комбинација со некои од основните бои како жолта или црвена боја остава прилично импресивен и агресивен впечаток.
Сина
Во палетата на бои е дефинирана како основна и ладна боја. Првите асоцијации за неа ни се морето и небото. Постои студија која вели дека сината боја го намалува апетитот, а исто така е поврзана со интелигенција и смиреност. Има многу нијанси, а можеби најпозната е т.н. „кралската сина“, народски кажано „тенџере сина“.
Црвена
Оваа основна боја можеме да ја карактеризираме како најтемпераментна боја.Таа влијае охрабрувачки за преземање акција, потсетува на страст и оган и докажано е дека ја забрзува работата на срцето и дишењето. За античките римјани, оваа боја била знак на почеток на војната, додека во Јужна Африка црвената е боја на жалост. Во сообраќајот, црвената повикува на внимание.
Жолта
Основна и природна, бојата на изворот на животот, сонцето. Во Франција, таа е симбол на љубомора, и се смета за боја која го крева расположението, означува минливост и спонтаност. Исто така, се смета за боја на авантура и креативност.
Сива
Добиена е при мешање на црна и бела, се појавува во бесконечни нијанси кои се целосно комплементарни со сите основни и повеќето изведени бои. Асоцира на технологија, софистицираност, сребро и олујни облаци. Може да се каже и дека оваа е боја на компромис и монотонија.
Крем-боја
Може да се окарактеризира како комбинација на светло кафеава и бела боја. Карактеристики на крем-бојата се смиреност и неутралност. Некои култури ја сметаат оваа боја традиционална, така што оние што носат облека со таква боја се сметаат за побожни и едноставни луѓе. Таа се смета за најчеста боја користена за позадина, а како боја на ѕидовите може да создаде смирувачка атмосфера.
Розова
Производ на црвена во комбинација со бела. Современите култури ја сметаат за боја на девојчиња. Името го добила по ливчиња од цветот на розата. Според некои, таа е симбол на сентименталност и „благост“ .Таа е близу до бојата на кожата, па затоа се карактеризира со незабележителност.
Бела
Комбинација на сите бои од видливиот дел на спектарот. Таа е спротивно на црната во сè, па затоа симболизира мир, невиност, светлина, снег, млеко, небо и вера. Исто така, една од асоцијациите за оваа боја се болници и генерално стерилни средини. Се смета за боја на совршенство.