Познатиот светски производител на луксузни автомобили „Ферари“ одлучи да се обиде во модната индустрија, објави агенцијата „Анса“. Првата колекција беше претставена на неодамнешната модна ревија во Маранело, кај Модена, каде што се наоѓа историското седиште на фабриката „Ферари“.
Креативен директор на колекцијата на облека за возрасни и за деца, со препознатливиот знак – коњчето на „Ферари“, е некогашниот дизајнер на Џорџо Армани, Роко Јаноне.
Во колекцијата преовладуваат црвената и портокаловата боја, а шарите на материјалите се инспирирани од карактеристичните линии на автомобилите од марката „Ферари“ и од копиите на текстови од весници. При изработката на колекцијата особено внимание му е посветено на квалитетот на материјалот, чие производство обезбедува заштита на околината, а на етикетите стои гаранцијата дека при изработката не се експлоатирани работници, ниту е користен детски труд.
Модната марка „Ферари“ е уште една компонента во холдингот „Ексор“, чии сопственици се членовите на семејството Ањели.