Социјалната мрежа Твитер во просек месечно ја користат 67 милиони луѓе од целиот свет, а интернет-страницата „Бренд воч“ презентира статистика и покажа кои корисници имаат најмногу следбеници на оваа платформа.
Најпопуларен твитерџија е поранешниот американски претседател Барак Обама, кој моментно го следат нешто повеќе од 130 милиони луѓе. По ангажманот на претседателската функција, Обама се посвети на хуманитарната работа и активизам, а најчесто твиташе за активностите на неговата фондација.
Второто место на оваа листа му припадна на канадскиот пејач Џастин Бибер, чиј профил има 114 милиони следбеници. Бибер е седми на листата на највлијателни твитерџии во светот, но на оваа платформа се огласува многу поретко од неговите колеги. Неговата колешка Кети Пери е трета со 108,7 милиони следбеници и е втора највлијателна жена на оваа мрежа. Веднаш зад неа е Ријана, американска пејачка, која најмногу пишува за својата компанија „Фенти бјути“, промовира други уметници и дизајнери и отворено ги прозива политичарите.
Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо е петти (95,3 милиони), а потоа следуваат пејачките Тејлор Свифт (88,9 милиони), Аријана Гранде (84,6 милиони), Лејди Гага (83,8 милиони) и водителката Елен Деџенерис (77,7 милиони).
Официјалниот профил на платформата Јутјуб е на десеттото место на оваа листа и има 73,6 милиони следбеници. На единаесеттото место е премиерот на Индија, Нарендра Моди (72,4 милиони), кој има два милиони повеќе следбеници од многу популарната Ким Кардашијан (70,4 милиони). Селена Гомез е на 13-то место со 65,2 милиони следбеници, а потоа следува основачот на „Тесла“, Илон Маск, кој го следат 63,5 милиони луѓе. По нив следува Џастин Тимберлејк со 63,3 милиони следбеници. Најследен медиум на оваа платформа е „Си-ен-ен брејкинг њус“, следен од 61,5 милион луѓе. Интересно е и тоа што официјалниот профил на Твитер го следат 60,3 милиони луѓе. Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, е на 18-то место (56 милиони), а една од најголемите светски поп-ѕвезди Бритни Спирс е на 19-то место (55,6 милиони). Последното место го држи официјалниот профил на „Си-ен-ен“ (55 милиони), а до неодамна на оваа позиција беше Деми Ловато.