Во екот на претпразничните денови, ликовите од детскиот едукативно-музички серијал „Дајте музика“, се фатија за хумана работа
Празниците се време за подарување. Играчки, пакетчиња, технолошки уреди се најчесто на листата на желби на најмалите. Но што е она што највистина им е потребно на децата? „Да го добиеш она што го сакаш, нема да те направи посреќен, ако го немаш она што ти е потребно“ – гласеше пораката на Јован Дукмеџиев кој заедно со останатите јунаци од серијалот „Дајте музика“ го искористија најубавиот период од годината да подарат пред сѐ, многу искрени насмевки на многу детски лица.
– Сите деца се еднакви и имаат еднакви права. Секој секому треба да помага и да се дружи, бидејќи вистинските пријателства се најважни во животот“ – порача Филип Поповски од „Дајте музика“ на заедничкото дружење со своите врсници, членови на здружението за хумано-општествен развој „Проект Среќа“.
Наташа, Кики, Саша, Јован, Филип и Тео, освен своите новогодишни желби, на дечињата од „Проект среќа“ им подарија пакетчиња од „Витминка“ и „Алкалоид“. Тие упатија моќна порака дека секое дете има право да верува во новогодишната магија.
– Ако желбите на децата не се слушнати, не можат да бидат исполнети. Оние деца чии желби се неисполнети ќе престанат да веруваат во моќта на Новогодишните празници. Ние не смееме тоа да го дозволиме! – порачаа протагонистите од серијалот, продолжувајќи ја својата празнично-хумана мисија и во трговскиот центар „Рамстор“ каде им помагаа на волонтерите од „Црвениот крст на град Скопје“ во делењето на подароците од „Новогодишната елка на желби“, наменети за дечињата сместени во згрижувачки семејства.
Од продукциската куќа на проектотот „Дајте музика“ чие емитување на првата сезона беше заокружено минатата недела, велат дека покрај првичната едукативна улога на серијалот низ содржинската матрица, важно е и општественото поведение на ликовите, кои веќе се врснички идоли на голем број деца од различни возрасни генерации.
– Општествената одговорност, хуманоста и позитивните човечки вредности генерално, се изучуваат уште од најрана возраст, а пренесувањето низ врснички дружби е најефикасен начин за нивно усвојување – изјави Цаци Паковска, носител на проектот „Дајте музика“.
Таа изрази особена благодарност до „Македонската телевизија“ за дадената можност за дружење со протагонистите од серијалот и дечињата од „Проект среќа“, до компаниите „Витаминка“ и „Алкалоид“ за подароците како и до „Црвен крст на Град Скопје“ за можноста да бидат дел од празничната магија.