Изградбата на гигантски вештачки остров, во проектот вреден 28 милијарди евра кој ќе обезбедува доволно енергија за три милиони домаќинства, доби одобрение од данските политичари, пренесуваат светските медиуми.
Станува збор за првиот енергетски остров на светот кој ќе има големина на 18 фудбалски игралишта (120 илјади квадратни метри). Островот ќе служи како центар за 200 турбини со височина од 260 метри и ќе биде во сопственост на државата и на приватниот сектор.
Предвидено е со електрична енергија произведена на островот, покрај Данска, да се снабдуваат и соседните земји, како и Велика Британија, Германија и Холандија.
Данскиот министер за енергетика Дан Јоргенсен изјавил дека земјата „ја менува мапата“. Планирана е и изградбата на помал енергетски остров, покрај Борнхолм во Балтичко Море. Германија, Белгија и Холандија потпишаа договори за снабдување со електрична енергија од овој остров.