Фестивалот на електронската музика „Грин бич фестивал“ ова лето првпат ќе се одржи во Струга – славниот град на поезијата и на волшебниот Црн Дрим. Со поддршка од локалната самоуправа фестивалот доби нова брендирана плажа „Грин бич“, која се наоѓа во непосредната близина на хотелот „Еуротел“ и која гарантира високи организациски стандарди неопходни за реализација на музички настан од ваков ранг.
Фестивалот ќе се одржи на 27 јули, а публиката ќе има привилегија да ужива во настапот на најпопуларната дама на светската електронска сцена, прогласена и за најдобар диџеј за 2017-та година – Нина Кравиц. Сибирската техно-дива е позната по бескомпромисните и енергични диџеј-сетови и важи за една од најхаризматичните личности на електронската сцена, а нејзините настапи се прочуени по уникатното и интензивно чувство со кое ја освојува публиката.