Биертан е град во Романија во кој се наоѓа црква во која има необичен затвор. УНЕСКО оваа црква ја вброи во редот на светско наследство.
Во 13 век во местото живееле 5.000 луѓе, а денес ги има трипати помалку. Тамошните жители сѐ уште го почитуваат стариот, традиционален начин на живот, па запрежните коли и размената на производи при трговија, на ова место се секојдневие.
Црквата од 15 век има една мала, мрачна просторија, која денес е музеј, не толку поради изгледот, колку поради приказната поврзана со неа.
Низок плафон, дебели ѕидови, една маса, столчиња, орман и кревет е сѐ што има во оваа соба. Наречена е „брачен затвор“ и во неа три века биле затворани сите оние што сакале да се разведат од брачниот партнер.
Кога некоја двојка ќе посакала да се разведе, локалниот бискуп ги затворал на шест недели со цел да пробаат да ги решат своите проблеми, па потоа да решат дали сакаат да се разведат.
„Брачниот затвор“ бил успешен проект зашто во период од триста години се случил само еден развод. Црквата без наклонетост гледала на разводите, па се трудела да ги спречи. Разводот бил дозволен само во случај на неверство на еден од партнерите.
Постоел и некој вид алиментација, затоа што после разводот мажот морал да ги издржува жената и децата со тоа што им давал половина од приходот.
Меѓутоа, доколку мажот се развел по вторпат, втората жена не би имала право на ништо.