Според написот што деновиве беше објавен на порталот „Консеквенс оф саунд“, големи собири, како што се конференции, спортски настани и концерти во живо, нема да бидат безбедни сѐ до почетокот на следната година
Поради пандемијата на коронавирусот
Концертите во живо нема да се вратат, најрано, до почетокот на 2021 година, предупредуваат здравствените експерти.
– Вие не можете само да го завртите прекинувачот и да го отворите целото општество. Тогаш вирусот дефинитивно ќе се појави на најлош можен начин – велат тие.
Според написот што деновиве беше објавен на порталот „Консеквенс оф саунд“, големи собири, како што се конференции, спортски настани и концерти во живо, нема да бидат безбедни сѐ до почетокот на следната година.
Според Зеке Емануел, директор на Институтот за здравствена трансформација на Универзитетот во Пенсилванија во САД, кој беше дел од експертски панел-дискусии, организирани од „Њујорк тајмс“, за промената на начинот на живеење, условена од пандемијата, повторното активирање на економијата треба да се изврши во фази, а масовните собири треба да бидат последниот дел од нашите стари животи што ќе ни се вратат.
– Треба да се вратиме во нормален колосек најпрво со физичко растојание на работното место, што ќе го намали ризикот од зараза. Тоа прво може да се случи на градилиштата, или во производствените хали или пространите канцеларии, каде што ќе може да се одржи растојание од шест метри меѓу луѓето. Големите собири, спортски настани, конференции, саеми и концерти треба последни да ги вратиме, најрано во есента 2021 година. Можеби се прашувате зошто треба да чекаме толку долго. Тоа има врска со развојот на вакцината против коронавирусот, кој ќе трае од 12 до 18 месеци. Всушност, тоа ќе биде експертски консензус – вели Емануел.
Епидемиологот Лери Брилијант, кој беше дел од тимот за глобално искоренување на сипаниците, изјави за магазинот „Економист“ дека вакцината треба да се појави за неколку месеци.
– За жал, тоа е полесниот дел. Потешкиот ќе биде процесот да се осигуриме дека е ефикасна и не е штетна за луѓето. Е, дури потоа ќе почне масовно да се произведува. Американскиот директор на Националниот институт за алергии и заразни болести, Тони Фауси, проценува дека ќе почекаме од 12 до 18 месеци пред да имаме вакцина, во доволни количества, а јас се согласувам со тоа – претпоставува Брилијант.
Со овој познат епидемиолог се консултираа и при изработката на сценариото за сега мошне актуелниот филм „Зараза“, на режисерот Стивен Содерберг, во 2011 година, кој звучи и попесимистички од Емануел. Тој смета дека вирусот ковид-19 сепак ќе биде проблем, барем уште извесно време – по развојот на вакцината.
– Само сакам да напоменам дека откако ќе ја добиеме таа вакцина и масовно ќе вакцинираме што е можно повеќе луѓе, сѐ уште ќе има епидемии. Во некои држави треба да се елиминира детската парализа или да се искоренат сипаниците, со актуелната програма на СЗО. Поради сето тоа, сигурен сум дека ќе ни биде потребен дополнителен временски период пред да бидеме вистински безбедни – констатира Брилијант.
Со други зборови, враќањето на вообичаениот тек на животот на планетата ќе биде побавно и поболно отколку што се очекува.
Засега музичарите се приспособија на актуелната состојба со карантински видеа и интересни активности во изолација. Но тоа нема да го замени загубениот прилив на приходи за уметниците од средната класа и за младите таленти. Поради тоа секоја држава, па и нашата, треба итно да направи план да им помогне не само на музичарите туку на сите уметници да го пребродат овој тежок период.