Иво Јончев, бугарски актер и режисер
Има претстави и филмови што одговараат за регионот, но начинот и методите со кои се обработуваат се многу различни поради историските случувања. Треба да работиме повеќе во насока на партнерство, идеи и методи, бидејќи проектите во кои учествуваат повеќе држави се многу поуспешни, вели Јончев
Иво Јончев (34) е познат бугарски актер и режисер, кој деновиве престојува во Македонија, а причината е негово учество во еден интернационален проект.
Роден е во градот Плевен, а завршува студии на Новиот бугарски универзитет, на насоката актерско мајсторство за театарска и филмска уметност. Со намера за поголемо усовршување, Јончев посетувал и дополнителни часови по актерство и режија кај неколку еминентни професори. Играл во неколку младински театарски групи и добитник е на награда за најдобро дебитантско претставување. За време на студиите бил дел од неколку претстави на новиот драмски театар „Солза и смеа“, театарската работилница „Сфумато“ и Универзитетскиот театар на Новиот бугарски универзитет. Во 2006 г. на аудиција е избран за водител на емисијата „Сакам“ на музичкиот телевизиски канал ММ и ја води емисијата до затворањето на телевизијата. Во текот на 2011 г. го прави своето режисерско деби со инвентивна театарска претстава, која претставува спој на театарот и психологијата со наслов „Кога мачката ја нема“. Претставата се игра четири години на различни сцени низ Бугарија.
Иво Јончев најголемата популарност стекнува со учеството во четвртата и во петтата сезона на телевизиската серија „Балканска мафија“ во улога на инспекторот Манолов (од 2011 до 2015 г.), која се емитуваше и кај нас, како и во Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Русија и Србија. Серијата ја гледала и телевизиската публика во САД, Кина, Виетнам, Латинска Америка, Германија, Франција, Велика Британија и во Турција.
Која е причината за вашата посета на нашата земја?
– Многу се радувам што повторно сум во Македонија, односно во Скопје бидејќи многу убаво се чувствувам овде. Поводот за мојата посета е еден европски проект во кој учествувам со организации и колеги од уште седум држави, при што ова е втората фаза, а првата беше во Хрватска во текот на април. Инаку во Македонија сум имал неколку приватни посети и тоа во Скопје, Охрид, Струмица и во Битола.
Јавноста најмногу ве зане преку ликот на инспекторот Манолов од ТВ-серијата „Балканска мафија“. Која е вашата поголема љубов, филмот или театарот?
– Всушност, серијата што ја спомнувате беше продадена во 183 држави во целиот свет и се стекна со широка популарност, а јас имав чест да ги гледам сцените во кои учествувам преведени на неколку различни јазици и да станам познат за публиката не само во Бугарија, туку и пошироко. Ако треба да избирам меѓу филмот и театарот мислам дека не постои начин да ги споредам. Двете уметности се суштински различни една од друга и многу е тешко да кажам која ми е поголема љубов. Го сакам театарот затоа што е жива уметност, актерите имаат непосредна врска со публиката за време на претставата, секое прикажување на една претстава е различно од претходното и работата на сцената е колективна, дозволува импровизации и е динамична. Филмот го сакам поради интимната врска меѓу актерот и камерата, можноста актерот да го преживее сето она што го чувствува неговиот лик и да се прочита само во неговите очи како и за изразните средства и тоа што крајниот резултат останува засекогаш некаде забележан.
На што работите во моментов?
– Во моментов учествувам во една претстава, која ја создадовме заедно со мојот колега Ивајло Захариев, кој исто така глуми во серијата „Балканска мафија“. Претставата е по текст на младиот драматург Михаил Казаков. Темата е насилството од страна на жените кон мажите, доста актуелна и често премолчувана тема, за жал, и токму поради тој факт ние решивме да го поставиме тоа важно прашање преку методите на комедијата. Планираме и турнеја низ Македонија следната година, а за брзо време ќе објавиме и детали поврзани со таа турнеја. Паралелно со мој колега режисер работиме на филмско сценарио за американскиот пазар, а играм и во две нови претстави. Освен во уметноста, работам и уште како менаџер на маркетинг-агенција и во невладина организација со која реализирам различни социјални проекти.
Дали бугарските актери имаат можност да настапуваат во интернационални проекти?
– Ситуацијата во последниве години многу се промени и можностите за работа надвор од границите на Бугарија драстично се зголемени. Многу од моите колеги учествувале во меѓународни проекти, а некои од нив глумеле и во најпознатите светски серии, како што е „Игри на престолот“.
Можете ли да направите споредба во однос на начинот на работа со колегите од регионот и можни ли се партнерски проекти во доменот на театарската и филмската уметност?
– Мислам дека не може да се направи споредба затоа што пазарот, темите и публиката се различни во секоја држава, се разбира дека има претстави и филмови што одговараат за регионот, но начинот и методите со кои се обработуваат се многу различни поради историските случувања. Но, секако, треба да работиме повеќе во насока на партнерство, идеи и методи, бидејќи несомнено е докажано дека проекти во кои учествуваат различни држави се многу поуспешни и постигнуваат многу поголем аудиториум, а на секој професионалец му е неопходно да ги дополни своите знаења преку меѓународна соработка.
Познатиот бугарски писател Димитар Никленов ја напиша монодрамата „Мажиштето“, а вие сте токму тоа „мажиште“, какво беше искуството да се игра еден ваков лик?
– Огромна благодарност кон Никленов, кој ме покани да го одиграм тој лик и честитки за него за неверојатниот текст, каде што успеал да создаде таков лик. За мене ќе биде особена чест што тоа ќе биде мојата прва монодрама. Долго време размислував за можноста да направам монодрама, но досега не успеав да најдам погоден текст. Мислам дека „Мажиштето“ ќе биде многу силна и возбудлива претстава во која гледачите ќе видат многу различни моменти, ќе се препознаат себеси или луѓето околу нив и ќе бидат длабоко допрени од вистинитоста на приказната.
Ќе има ли можност македонската публика да ја види оваа монодрама?
– Секако. Планираме веднаш по бугарската премиера да направиме и турнеја во неколку македонски града во кои ќе се претставиме со монодрамата, а потоа да направиме средби меѓу гледачите и членовите на екипата. Се надевам дека тоа ќе биде кон крајот на оваа година.
Филип Димкоски