Британскиот глумец Идрис Елба и неговата сопруга Сабрина станаа амбасадори на добра волја на Обединетите нации (ОН) и објавија дека формирале фонд за помош на земјоделците во земјите во развој, погодени со пандемијата на коронавирусот, во рамките на активностите на Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (ИФАД).
Информацијата е објавена на официјалната страница на ОН и истакнато е дека целта на овој проект е да се соберат 200 милиони долари од владите, фондациите и приватните сектори за да им се помогне на земјоделците да ја преживеат економската криза предизвикана од пандемијата. Идрис Елба нагласи дека глобалната акција ќе биде од сечиј интерес.
– Важно е од оваа криза да излеземе заедно и да ги избегнеме појавата на глад, сиромаштијата и страдањата – вели Елба.
Според податоците на ИФАД, околу 80 отсто од најсиромашните луѓе на светот живеат во руралните подрачја и повеќето од нив зависат од малите фарми, кои се главен извор за егзистенција на нивните семејства.
Извршниот директор на ИФАД, Гилбер Х. Хоунгбо, го повика светот да спречи здравствената криза да прерасне во криза на глад и недостиг од храна.
– Влијанието на кризата нѐ погодува сите, но особено негативен ефект има на оние што се веќе сиромашни и на работ на глад – изјави првиот човек на ИФАД.