Балканските земји се богати со природни убавини – планини, реки, езера, кои од година на година привлекуваат сè повеќе туристи. Некои од нив се поинтересни за посетителите од странство, други за гостите од регионот, но сите имаат заедничко нешто, штом еднаш ќе ги посетите, нивните убавини остануваат врежани во меморијата цел живот. Еден од природните бисери на Балканот е Охридско Езеро, кое неодамна стана инспирација за еден интересен проект, пишува „Нешнл џиографик“ во статија на српски јазик.
Во статијата станува збор за иницијатива наречена „Гласот на Охридско Езеро“, која со помош на комуникациските технологии успеа да ги спои природните убавини на македонското езеро со музичката уметност, создавајќи мелодии што овозможуваат да се истражуваат неговите мистични длабочини и да се доживее езерото на еден сосема поинаков начин.
Охридско Езеро со години е инспирација за многу уметници, кои со сликање, фотографирање, филм или мелодија, се обидувале да ја фатат неговата убавина, а овој проект на уникатен начин го оживува езерото и му дава глас.
Иницијатор на оваа музичко-технолошка иницијатива е „Македонски телеком“, а идејата произлегува од долгогодишното пријателство со водечката културна манифестација „Охридско лето“, со која се промовира убавината на градот Охрид и на Охридско Езеро и повикува на нивно зачувување. Посетителите на интернет-страницата http://www.glasotnaezeroto.mk/ имаат можност да ја слушнат мелодијата на Охридско Езеро на мирните утра, разиграните попладневни часови и ноќи, кога ветерот нежно ја разбранува површината на водата. Со звуци што доаѓаат од површината или од непредвидливите длабочини на езерото, композиторот Џијан Емин и „Македонски телеком“ овозможуваат неспоредливо искуство, кое го истражува најстарото природно езеро во Европа.
Спојот од технологија, музика и природна убавина создава мелодија што никогаш досега не е претставена, која пренесува уникатна приказна стара над два милиони години преку звучни бранови.
Набргу по нејзиното започнување, веб-страницата „Глас на Охридско Езеро“ привлече повеќе од еден милион посетители од земјите низ светот.