Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“
За рок-музиката, нејзината историја и воопшто за смислата на оваа музика се напишани многу студии, анализи и книги. Рок-музиката како уметнички израз е вид нуспроизвод на Студената војна. Кулминацијата ја достигна во 1960-тите, во кои сѐ што беше поткултура и контракултура, тогаш едноставно експлодира во сите насоки и ја озрачи безмалку целата Земјина топка. На тоа се додаде и крикот за слобода и позитивна енергија за заедништво, солидарност, мир и љубов, и кругот беше затворен. Овие залагања на младите автори и пејачи беа изразени преку нивните протестни песни, кои се остар и одлучен одговор на политичките превирања на тоа време. Тие земаа гитара в рака, пееја и го креваа својот глас, како одлучно несогласување со државниот естаблишмент. Пионери во тоа беа Вуди Гатри и Боб Сигер.
Вуди Гатри е пејач, музичар и кантавтор и една од најзначајните музички икони на САД. Помеѓу двете светски војни пеел, пишувал, прибележувал и ја реинтерпретирал традицијата и го негувал богатството на американската фолк-музика, давајќи ѝ градски теми и нов живот. Автор е на повеќе од 3.000 песни, и музичките хроничари тврдат дека е музичар со најголемо влијание врз развојот на американската музика во 20 век. Тој е зачетник на културата на хобо-скитниците (симбол на судбинско одметништво), кои за време на економската криза патувале низ земјата, пееле за меѓувоените и повоените случувања, откривајќи со своите песни една непозната Америка, држава на луѓе без надеж. Пеел за навредените, понижените, отфрлените и напуштените аутсајдери на американскиот сон. Најпозната песна на Гатри е „This Land Is Your Land“, која е своевидна алтернативна химна на САД. Песната е една од најмоќните патриотски песни на сите времиња, и ги третира заборавените, маргинализираните, сиромашните и гладните, кои се прашуваат дали оваа земја (Америка) навистина е нивна. Со неа Гатри ги охрабрува обичните луѓе, повикува на солидарност и дава иронични коментари за тогашните нечувствителни сопственици на крупниот капитал. Инаку, песната е негова реакција на патриотската балада „God Bless America“ за сите заборавени во таа песна. Затоа оваа прекрасна нумера на Гатри има носталгичен призвук во кој се пее за убавината на природните пејзажи во САД и за љубовта кон слободата на американскиот народ. Ќе остане запаметен како инспирација и идол на Пит Сигер, Боб Дилан, Џоан Баез, Брус Спрингстин, но и инспирација за обесправените и понижените, а пред сѐ на оние што сакаат за тоа гласно да зборуваат и да се борат за подобар свет, како што стои во неговата со надеж вдахновена песна „Better World is Coming“.
Нешто помлад колега и соработник на Гатри е Пит Сигер – гитарски и бенџо-трубадур, кој им пееше на онеправданите работници, студентите, но и на претседателите на САД на нивните инаугурации. Тој е легендарен фолк-музичар, кантавтор, граѓански активист и телевизиски водител, познат по тоа што со своите популарни песни на почетокот на 1960-тите ја поттикна големата преродба на американската фолк-музика. Заедно со повозрасниот Вуди Гатри, во доцните 1950-ти и раните 1960-ти во Гринич Вилиџ го придвижува и организира њујоршкото урбано фолк-движење со кое започнува борбата за правда и вистина за светските збиднувања. Сигер се залагаше за повеќе општествени движења, како што се мировните, заштитата на животната околина и за нуклеарното разоружување. Голем борец против нацизмот и Хитлер, активист против нуклеарното наоружување и поборник за поголеми граѓански слободи, но и редовно чистење на саканата река Хадсон.
Еден од неговите најголеми придонеси е повторното популаризирање на традиционалната песна „We Shall Overcome“, која со текот на времето станува една од најпознатите протестни песни на 20 век. Тоа е традиционална фолк-нумера, преработена и изведена од него, а подоцна и од Џоан Баез, која ја изведува на сите маршеви и протести, реализирани заедно со легендарниот Мартин Лутер Кинг. Затоа и се смета за неслужбена химна на движењето за правата на црнците во САД. Ја обработува и Брус Спрингстин, во албумот посветен на Сигер („We Shall Overcome: the Seeger Session“). Тој му дава нов тон на внатрешниот монолог на човек, кој знае дека нешто треба да менува, и сугестивно се прашува дали го може тоа, со што песната добива нова снага и уверливост. Денес оваа нумера е култна песна за бунтот на младите генерации, химна за промена на незадоволителната општествена состојба на неправда, најмногу на социјален план и повредата на човековите права. Автор е и на легендарните песни „Turn, Turn, Turn“, „If I Had a Hammer“ и „Where Have All The Flowers Gone“, кои денес се дел од културното наследство на САД (за нив нешто повеќе кога ќе стане збор за рок-музиката како израз на рок-поезијата).
Во низата протестни песни не може да се одмине и неповторливата „Redemption Song“ на легендарниот Боб Марли. Оваа песна Марли ја снима во 1980 г., инспириран од говорот на Маркус Гарви од 1937 г., активист од Јамајка. Нумерата важи за најпозната и највлијателна песна на политички и граѓански протест. Почнува со прогон, а завршува со победничко ослободување од тој прогон. Во неа Марли пее дека луѓето сами ќе се ослободат од менталното ропство, бидејќи други можат да го ослободат телото, но никој освен поединецот, не може да го ослободи умот. Умот е нашиот единствен господар и суверен. Човек што не е способен да го развива и искористи својот ум вообичаено им е роб на други. Овој глобален хит на Боб Марли е химна за самоосвестување и самоослободување на секој еден човек на планетата Земја. Спаѓа во низата најобработувани песни, а најдобрите изведби на оваа песна се на „Ју-ту“, Џони Кеш, Стиви Вондер, Џо Страмер, Ријана. Во 2005 г., под наслов „Песна на слободата“ ја испеаја и „Бајага и инструктори“, заедно со Беби Дол. Тоа е песна што инспирира, поврзува и повикува на мир низ музика.
Сотир Костов