Јас со музика сум со чиста цел, чиста визија и моментно имам огромна одговорност да ја претставам Македонија на „Евровизија“. Потпишав договор со Македонска радио телевизија, носител на тоа, иако јас сум гласот за сите нас. Да, има многу лавиринти, но изборот по која насока ќе одиме е наш. Мојот е да се фокусирам, истакна македонскиот евровизиски претствник Васил Гарванлиев во интервју за „Дојче Веле“, во кое зборуваше за неговите ставови и за ситуацијата во која се наоѓа по реакциите на јавноста.
Гарванлиев истакна дека петицијата покрената на социјалните мрежи за откажување на неговото учество на „Евровизија“ не го вознемирува, но сепак, го погодува, иако е мирен.
Тој смета оти има голема поддршка и се подготвува за нешто прекрасно, и покрај тоа што фокусот на народот е кон негативноста, нападите и осудувањата. Пејачот се осврна и на ситуацијата со неговото двојно државјанство – македонско и бугарско.
– Како човек со огромно срце, искрена душа, полна со приказна и музика. Да, јас сум роден во Македонија и верувале или не, јас сум еден од најгордите Македонци. Но, факт, фамилијата не си ја бираме, роднините не си ги бираме. Мојата баба, мајка на мојот татко, кои не се со нас, е родена во село надвор од Петрич. Не се извинувам за тоа, горд сум и на тоа. Јас сум Македонец. Каде и да настапував, пред и позади сцена, Чикаго, Лондон, Париз, сите ме знаат како Македонецот Васил Гарванлиев. Музиката, тоа е мојот искрен пасош. Јас сум амбасадор на музика, полн со приказна, корени и нема никогаш да се извинам за тоа – категоричен е Гарванлиев во интервјуто за „Дојче веле“.