Со дефилето на учесниците, синоќа, официјално беше означен почетокот на 65. то издание на „Евровизија“ во Ротердам, Холандија. И македонскиот претставаник Васил Гарванлиев, во креација на модниот дизајнер Раде Василев, со круна на главата зачекори на тиркиозниот ќилим поставен на пристаништето, заедно со останатите членови на делегацијата.
На отворањето не присуствуваа претставниците на Полска, Малта, Романија и Исланд поради позитивен ковид-тест, па најверојатно нивните настапи ќе ги проследиме онлајн.
Гарванлиев утревечер, 18 мај, на евровизиската сцена во арената „Ахој“ на првата полуфинална вечер ќе настапи шести по ред со песната „Here I stand“, чиј автор е самиот, а во аранжирањето и оркестрацијата се вклучија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. За сценскиот настап се погрижи режисерката Тине Матулеси.
Во првото финале настапуваат и преставниците на Австралија, Ирска, Литванија, Русија, Словенија, Шведска, Азербејџан, Белгија, Хрватска, Кипар, Израел, Малта, Норвешка, Романија и Украина. Белорусија е дисквалификувана поради политички обоените стихови.
Второто полуфинале ќе се одржи на 20, а финалната вечер е на 22 мај.
Организаторите на „Евровизија“ спорведуваат многу рестриктивни мерки заради безбедност на учесниците, па затоа нема многу контакти меѓу нив, но и со новинарите, кои иако во мал број, сепак се присутни на фестивалот, што ќе го следат само по 3.500 гледачи на вечер, со негативен ковид- тест, иако арената собира четирипати повеќе луѓе.
Васил Гарванлиев досега дал десетина интервјуа, меѓу кои и на новинар на „Њујорк тајмс“.
Тој има време и за придружните манифестации, па така беше единствен евровизиски учесник кој се сретна со гастрономот Тери Прием, автор на книгата „Вкусот на Ротердам“, која содржи 41 рецепт, колку што има учесници на „Евровизија“. Тој подготви македонски оброк, тартар бифтек со ајвар, овојпат во вегитаријанска варијанта без месо, а како знак на благодарност Гарванлиев на Тери Прием му подари лозова ракија, како карактеристичен вкус од Македонија.
Иако обложувалниците не и предвуваат висок пласман на нашата песна „Here I Stand“, таа е доста популарна меѓу еверовизиските фанови и на социјалните мрежи, а веќе доби и своја ремикс верзија, изработена од светски познатиот диџеј Тони Моран, кој има платинести ремикси за Мараја Кери, Витни Хјустон и Дебра Кох.
М.Т.