Бренд-концепти: Музички икони (26)
Тешко е да се врати времето на „Изи рајдер“ (Голи во седло) затоа што историјата најверојатно се повторува само како фарса. Рокенролот е најголемото движење од 20 век во кој сѐ и сешто се случи. Ние повозрасните знаеме дека во несвест најдобро се паѓа со помош на „Ролинг стоунс“, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин и „Дорс“. Паѓањето во несвест што се однесува до рокенролот е задоволство. Тоа не е болест ниту состојба на болен организам. Напротив. Едно такво големо задоволство, за мене најголемо што можеше музиката да ми го даде е Вудсток. Еее, Вудсток! Какви времиња беа тоа. „Those where the days my friend“, пееше симпатичната Мери Хопкинс. Се сеќава ли некој? А на 1960-тите? Шеесеттите години се објавуваа плочи што го обележаа не само музичкиот жанр, туку и цело едно време, епоха, контракултура, филозофија и велшмерц-времиња, кои беа зенит на вудсток-генерацијата и херојската доба на рок-музиката. Тоа се Џоан Баез, Боб Дилан, Блондиу, Отис Рединг, „Битлс“, Џими Хендрикс, „Ху“, Џенис Џоплин, „Ролинг стоунс“, „Лед Цепелин“, „Крим“, Велвет андерграунд“, Леонард Коен и многу други.
Какви албуми, каква музика, какви вибрации, колку енергија! Чудесно и, за жал, неповторливо. Херојскиот период на рокот траеше една деценија, најмногу една и пол и беше време на пораки, побуни, поетика, екстатички вибрации, митови, комуни, хедонизам, индивидуализам, групирање, љубов, бруталности, умирања во страст, умирање од младост, манипулации, верба, заблуди, махинации, илузии, губење илузии, ескапизам, скандали, суицид, еуфории, депресии, паранои, алкохолно лудило, кристална бистрина, напафканост од дрога, невиност, перверзии, космички вибрации, удари со пендрек. Токму сето тоа може да се најде во музичките хитови содржани во албумите на Џоплин, Кокер, Гатри, Сантана, Хејвенс и групите „Кросби, Стил, Неш и Јанг“, „Тен јиарс афтер“, „Џеферсон еарплејн“, „Криденс кливотер ривајвал“, „Грејтфул дед“, „Ху“, кои учествуваа на легендарниот фестивал „Вудсток“ (гратче во северниот рурален дел на државата Њујорк), каде што учествуваа вкупно 32 изведувачи што настапија пред повеќе од 500.000 луѓе, од 15 до 18 август 1969 година. Фолк-пејачот Ричи Хејвенс го отворил фестивалот на 15 август, при што имал извонреден и незаборавен настан, а честа да го затвори фестивалот по три дена им припаднала на Џими Хендрикс и на неговиот рок-состав – во 8.30 часот наутро во понеделник, 18 август 1969-та. Овој легендарен рок-фестивал на мир, музика и љубов, ја обележи целата култура на 1960-тите години и стана зенит на контракултурата. Генерацијата хипици и рок-музичари, која во тоа време беше во креативен замав и на врвот на својата инспирација беше наречена „вудсток-генерација“ и „вудсток-нација“.
Бидејќи на фестивалот беа присутни повеќе од половина милион луѓе, јасно е дека тоа навистина беше мала нација, и дека духот на Вудсток најдобро ги изрази сензибилитетот и карактерот на лудите и бунтовни шеесетти на „децата на цвеќето“, кои беа млади и се чувствуваа слободни, добиваа гинзберговски космички вибрации наивно верувајќи дека создаваат нов свет, подобар свет. Тие во тоа навистина веруваа: да, да, да, без сомнение и дефинитивно да. И навистина тоа беа луди 1960-ти, време на добра музика, слободна љубов, и пораки за сеопшт мир во име на тие вредности. Пред и по Вудсток имаше студентски немири, жешки лета во црните гета, демонстрации за поголеми човечки, граѓански, расни и социјални права, залагање за верска, полова и сексуална еднаквост. Актери беа битниците, хипиците, пацифистите, еколозите, астролозите и сите останати припадници на контракултурата. Тоа беше време кога тие млади луѓе беа воодушевени од Блискиот и Далечниот Исток, будизмот, таоизмот, тантризмот, медитацијата, јогата, зен-будизмот, андерграундот, сексуалната револуција. Ги читаа Џек Керуек („На патот“), Кен Кизи („Лет над кукавичкото гнездо“). Тоа е време кога Јан Андерсон од „Џетро Тел“ велеше дека е премногу стар за рокенрол, а премногу млад за умирање, а Миг Џегер од „Ролнигстоунси“ ни пееше: „Мислам дека е вистинско време за револуција, но овде каде што јас живеам, играта што се игра е компромисно решение и што може сирото дете освен да пее во рокенрол-група“. А легендарниот Крис Кристоферсон во култната „Me and Bobby McGhee“ носталгично ќе напише дека ги менува сите негови идни денови, за едно едноставно вчера.
Затоа Вудсток беше и остана и идеал. Идилична слика што повикува сеќавања, сништа, тага, идеали на генерацијата што веруваше во неостварливото и во своите сништа, во мир љубов и толеранција, разбирање и надеж за сето тоа. Но, и слика на алкохол, дрога и слободен секс, многу пијани долгокоси рокери и хипици, кал, изгазена трева. Но, за жал, за кратко, за многу кратко. Сепак, Вудсток е икона на хипи-културата од шеесеттите за сите времиња. Затоа, сите велиме, вредеше, потребно беше, поучно, секако. Како и да гледаме, со што и да цениме и мериме, Вудсток е камен-темелник, но и камен-меѓник на рок-контракултурата и историјата воопшто. Епицентар на еден начин на мислење, ставови и нивно живеење. Поим. Мит. Единствен музички фестивал на кој главна ѕвезда беше публиката. Таа барем за кратко однесе победа на хипи идејата дека светот ќе биде променет. И навистина вудсток-генерацијата, веруваше, а и сега уште верува дека сништата и моќта на добрите вибрации на рок музиката можат да го променат светот на подобро, и од него да го направат изгубениот милтоновски Рај, еден вид Еденски двор, баш како што во песната „Вудсток“ пееше легендарната Џони Мичел. Најзначаен културен, уметнички и музички настан на сите времиња. Тешко дека некогаш ќе се повтори. Имаше извонредни музички уметници, добри вибрации, слобода на мислења и енергија кои се проширија меѓу луѓето и понатаму имаат влијание на многу генерации.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)