Новата романтична комедија на Вуди Ален, „Фестивалот Рифкин“, ќе го отвори Меѓународниот филмски фестивал во Сан Себастијан во септември, а тоа ќе биде и нејзина меѓународна премиера, велат организаторите.
Филмот е снимен минатото лето во и околу Сан Себастијан, монденско одморалиште во северна Шпанија, а во центарот на приказната е американска двојка што оди на филмски фестивал и е опседната со фантазирање за филмот и шармот и убавината на Шпанија.
Заплетот доаѓа кога жената се впушта во афера со брилијантен француски режисер, а мажот се вљубува во убава Шпанка, која живее во тој баскиски град.
Филмот, во кој глумат австрискиот актер Кристоф Валц и американската актерка Џина Гершон, е последниот проект за филмската љубовна врска на 84-годишниот американски режисер со европските градови.
Во него исто така глумат и францускиот актер Луис Гарел и шпанските актери Елена Анаја и Серги Лопез.
И покрај неизвесноста околу пандемијата на коронавирусот, предвидено е филмскиот фестивал во Шпанија да се одржи според планираното ,од 18 до 25 септември.